Одземен му е пасошот на Билал Кара, сопственикот на „Санте плус“, осомничен за финансиски злоупотреби при операции на очи

by valentina 11:44
11:44

Откако синоќа беше уапсен и сопственикот на приватната болница „Санте плус“, Билал Кара, по акцијата на МВР за финансиски злоупотреби при операции на очи, денеска по одлука на судија на претходна постапка му е одземен пасошот, со забрана да ја напушта државата, потврдуваат од „Фокус“ од Кривичниот суд.

Мерки на претпазливост им се одредени и на останатите осуммина приведени, односно од Кривичниот суд истакнуваат дека се прифатени мерките на претпазливост кои ги побарало Обвинителството, одземање на патна исправа и редовно јавување во суд.

Како што вчера објави „Фокус“, покрај вработени од ФЗО, приведен беше е и сопственикот на болницата Кара, за кого Албанија лани распиша потерница. Тој во соседната земја се бара поради сомнежи за злоупотреби направени преку приватната клиника „Интернешнл Медикер“, поранешна „Санте Плус“, лоцирана во Албанија.

Кара, кој е еден од сопствениците на Клиниката, пред три години беше именуван за почесен конзул на Македонија во Република Турција, со седиште во Измир.

„Клиниката беше блокирана откако наводно не пријавила профит во вредност од 1 милион евра. Исто така, за време на проверките, полицијата откри дека оваа клиника давала лекови кои биле со истечен рок или шверцувани производи. Исто така, кај пет вработени беше утврдено дека се неосигурани“, објавија лани албанските медиуми.

МВР вчера соопшти дека од страна на полициски службеници при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР во координација со ОЈО за ГОКК, спроведена е полициска акција, во рамки на истрага за сомнежи за незаконски постапки поврзани со операции на очи, при што сузбиена е криминална група, дел од нив поранешни и сегашни функционери на Фонд за здравствено осигурување во РСМ.

Поточно за операциите биле наплаќани средства и од Фондот за здравство, но и од пациентите. Биле оштетени од 3.000 до 4.000 пациенти.

Слични вести