По три години во бегство бизнисменот Чифлигароски се врати од Америка

by valentina 11:05
11:05

По три години во бегство, во државата се врати и бизнисменот Стојан Чифлигароски кој е осомничен во предметот „Синџир“, потврдуваат од МВР за „Фокус“. Тој во државата влегол пред два дена на граничниот премин „Свети Наум“.

-На 22.09.2026 година, на влез на Граничниот премин „Свети Наум“, полициски службеници го лишиле од слобода С.Ч.(44) од Охрид, со живеалиште во Битола. Лицето се барало по централна потерница распишана по наредба на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. С.Ч. е лице под истрага и е опфатено со кривична постапка за дела “злосторничко здружување” по член 394, “даночни затајување” член 279 и “перење пари и други приноси од казниво дело” член 273 од Кривичниот законик, велат од МВР за „Фокус“.

Чифлигароски е недостапен за органите на прогонот уште од самиот почеток на полициската акција „Синџир“, која беше спроведена на 30 октомври 2023 година. Кога Финансиската полиција и Обвинителството за организиран криминал влегоа во фирмите и домовите на осомничените, Чифлигароски беше посочен како еден од шестмината организатори кои веќе не беа достапни и се наоѓаа во бегство.

Сепак, во јавноста уште од порано постоеја сомнежи за неговото бегство или засолнување во Америка. Уште во јуни 2021 година, по пропаѓањето и отворањето стечајна постапка за неговата фирма „СВ-Инвест“, опозициските партии јавно прашуваа дали Чифлигароски веќе ја има напуштено Македонија и неофицијално заминал за Америка.

Слични вести