„Алказар Енерџи“ и официјално доби 135 хектари земјиште под закуп од Владата за да го гради огромниот парк со ветерници.
Владата ја објави одлуката во Службен весник со што потврди дека земјиштето врз кое ќе гради инвеститорот од Луксембург ќе биде биде државно, за што „Фокус“ пишуваше во неколку наврати пред да почнат градежните активности на потегот помеѓу Штип и Радовиш.
„Со оваа одлука се дава согласност за давање под долготраен закуп на градежно земјиште и за склучување на договор за давање под долготраен закуп на градежно земјиште, сопственост на Република Северна Македонија, по пат на непосредна спогодба на правното лице Друштвото за производство на електрична енергија ШТП ВИНД ДООЕЛ, Скопје, со седиште на ул. “Пиринска” бр. 29, Скопје,за градежно земјиште со вкупна површина од 1.344.965 м2“, објавено е во одлуката на Владата.
Не е познато по која цена „Алказар Енерџи“ ќе плаќа за наемот на речиси 135 хектари државна земја и дали цената ќе се утврди според стандардната уредба за годишната закупнина за градежно земјиште дадено под долготраен закуп со непосредна спогодба за објекти од јавен интерес што изнесува 0,2 отсто од утврдената цена по метар квадратен.
ШТП Винд Дооел е фирма основана изминатиот период од „Алказар Енерџи“ за штипскиот дел од ветерниот парк. „Алказар Енерџи“ ги основаше и „Карб Винд“ за делот на Карбинци и „Радо Винд“ за делот на Радовиш. Овие две фирми треба да ги добијат останатите над 160 хектари државно земјиште.
Управител на оваа фирма е Пјотр Волошченко кој е и главен инвестициски претставник на компанијата. Тој беше прв човек и на „Инвал мак“, компанија која пред 15 години требаше да го гради ветерниот парк за производство на струја. Инвестицијата која никогаш не заживеа во минатото тргна да ја спроведе шпанската компанија преку подружницата во Северна Македонија – „Инвалл Македонија ДОО Скопје“. Откако пропадна реализацијата на ветерните паркови на истокот, компанијата во 2015 година и официјално отиде во стечај.
Во студијата за оцена на влијанието врз животната средина која е нарачана од „Инвал Мак“,се вели дека поголемиот дел од земјиштето потребно за проектот е во државна сопственост, а само мал дел е приватно.
„Поголемиот дел од земјиштето потребно за проектот е во државна сопственост, и секаде каде што е можно ќе се користат постојните патишта. Земјиштето му е веќе наменски доделено на проектот како дел од урбанистичкиот план. Пренамената ќе стане официјална и ќе доведе до менување на типот на земјиштето од земјоделско во градежно, веднаш штом ќе се добие градежната дозвола“, стои во Студијата.
Со оглед дека најголемиот дел од земјиштето е државно, а земјиштето веќе е наменски доделено на проектот, „Фокус“ ја праша владата кога е извршена пренамената на земјиштето, а оттаму одговорија дека станува збор за урбанистичка постапка спроведена уште во 2010 година со донесување на Државно урбанистичка планска документација. Во текот на јули 2025 година е издадено одобрение за градење.
Анализата на катастарските парцели во општините Карбинци, Штип и Радовиш кои се детално наведени во Планската програма на Урбанистичкиот план кои се зафатени од ветерниците, покажа дека во најголем дел, над 90 проценти се работи за државно земјиште, вклучувајќи градежно земјиште, пасишта, ливади и шуми, а само мал дел е во приватна сопственост. Во приватна сопственост се некои стари куќи, дворови и ниви.
Најавата за изградба на нов ветерен парк во Македонија предизвика бројни реакции од научната фела затоа што, освен тоа што ќе се инвестираат 450 милиони евра во ветерници и ќе се остварат 630 вработувања во градежниот сектор додека трае изградбата, владата не откри што ќе добие Македонија.
Освен приходите од данокот на добивка, колку ќе заработи земјава од инвестицијата од закупот на државното земјиште во следните 30 години и дали Македонија ќе добива поевтина електрична енергија од оние ветерници или целата ќе завршува на слободниот пазар.
Вкупно 55 ветерници треба да се изградат на површина од 326 хектари, од кои доминантниот дел од земјишната површина ќе биде доделен од државата.
Паркот ќе има 54 генератори на ветерни турбини, кои преку новоизградена трафостаница, годишно ќе произведуваат над 860 гигават-часови електрична енергија што ќе влегува во националната енергетска мрежа.
Ветерниот парк ќе биде со работен век од 25 до 30 години и, според најавите, ќе чини околу 450 милиони евра. По изминувањето на овие 30 години, колку што е работниот век на турбините, отпадот ќе го преземе производителот.
O.K.