Македонскиот рубин е дел од нашето природно наследство, има свое потекло, свои специфични својства и своја приказна. Наша обврска е таа природна вредност да ја претвориме во препознатлив и заштитен македонски производ зад кој ќе стојат јасни правила, проверен квалитет и доверба. Сакаме македонскиот рубин да биде препознатлив и ценет првенствено во Македонија, а потоа и во регионот и, секако, на меѓународниот пазар. Сакаме името да биде поврзано со земјата од која потекнува, специфичните својства да бидат препознаени и заштитени. Сакаме секој производ што ќе го носи ова име да ја пренесува приказната за македонската природа, геологија, традиција и уметност – рече денеска министерката за енергетика, Сања Божиновска.
На прес-конференцијата, на која ги презентира активностите за заштитита и промоција на овој наш уникатен камен, Божиновска информира дека македонскиот рубин ќе добие сертификат за потеклото, квалитетот и посебните својства, но и QR-код преку чие скенирање корисникот ќе ги добие сите информации содржани во сертификатот. Првиот код се очекува да биде изготвен до крајот на октомври.
Името македонски рубин, потенцира министерката, ќе може да се користи само кога се исполнети утврдените услови: кога е потврдено потеклото, кога постои документација, кога е извршена стручна контрола и кога производот ги исполнува критериумите утврдени со елаборатот, правилникот и законската рамка.
Според неа, со воспоставување ред и јасни стандарди македонскиот рубин добива можност да прерасне во препознатлив национален бренд, производ што ќе создаде нова економска можност за занаетчиите, дизајнерите, обработувачите, трговците и, секако, локалните заедници.
– Денеска зборуваме за процес што го почнавме со јасна цел. Она што природата ѝ го подарила на Македонија да го заштитиме, да го уредиме и да создадеме услови, конечно, да ја добие својата вистинска вредност. Веќе не зборуваме за идеја или иницијатива, го градиме институционалниот механизам за заштита што ќе се применува во практиката. Тоа значи дека мора прецизно да биде утврдено што може да се означи и да се продава како македонски рубин. Мора јасно да се знае од каде потекнува материјалот, мора да постојат јасни правила за тоа кој може да го вади, да го обработува, да го пласира и, конечно, да го користи заштитениот назив. Мора да биде утврден начинот на кој се контролираат квалитетот и посебните својства, мора да постои евиденција за материјалот и мониторинг за неговото движење – од местото на потекло, преку обработката, па сè до негово означување, продажба и промоција. Мора да бидат јасно определени условите под кои камен, накит или друг производ може да го носи името македонски рубин – истакна Божиновска.
Таа уште еднаш напомена дека заштитениот назив мора да биде придружен со систем што ќе гарантира дека зад него навистина стојат автентично потекло, утврден квалитет и почитување јасно дефинирани правила.
– Нашата цел е да се заштитат производителите, обработувачите и занаетчиите што ги почитуваат правилата, а пред сè ние треба да го заштитиме купувачот. Кога граѓани, туристи, странски купувачи ќе го видат македонскиот рубин, треба да бидат сигурни дека зад тоа име стојат автентично потекло, проверен квалитет и секако институционална гаранција. На тој начин создаваме доверба во производот, но истовремено ја зголемуваме и неговата пазарна вредност – рече Божиновска.
Во 2025 година, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, во координација со Геолошкиот завод, првпат ја поведе иницијативата за институционална и правна заштита на македонскиот рубин како географска ознака. Следуваше стручна, институционална работа. Геолошкиот завод го изработи елаборатот, во кој беа утврдени потеклото, специфичните карактеристики и другите релевантни својства на македонскиот рубин. Врз основа на оваа документација, годинава во мај беше поднесена пријавата до Државниот завод за индустриска сопственост, кој на 17 јуни донесе решение со кое географскиот назив „македонски рубин“ доби правна заштита.
– Тоа е значаен успех за нашата држава. Со ова решение името македонски рубин доби правен идентитет и основа за институционална заштита. Истовремено, решението отвора нова и уште поважна фаза – практично спроведување на оваа заштита – нагласи министерката.