Состојбата со пожари на отворен простор денеска е подобра во однос на вчера, но повторно досега има дваесетина пожари, од кои 8 се активни во овој момент, соопшти попладнево директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Како најкомплексен пожар за гаснење останува пожарот во Студеничани, над селото Рамни Габер.
-Цел ден дејствуваат етракторите, значително е намален поголем дел од горните краци, но потребно е уште многу работа за истиот да биде изгаснат – вели Ангелов.
Гори и во Македонски Брод, во атарот на селото Драгов Дол. Таму втор ден гаснат 25 доброволни пожарникари и пет оперативци на ДЗС. Ангелов вели дека има значаен напредок и е воспоставена контрола.
Пожар има и во Општина Новаци, кај село Маково и Црничани, каде гори ниска вегетација и деградирана шума.
-Очекувам во текот на денешниот ден овој пожар кој се одвива на место каде што има неексплодирани убојни средства, да биде совладан – рече Ангелов.
Сериозен пожар попладневo избил и во велешко – во селото Салм. Ангелов вели дека пожарникарите водат битка да го заштитат селото, но посочи дека верува во нив и очекува уште денеска да биде изгаснат.
Горело и на две места во Струга – се уште активен е пожарот во Делогожда, каде гори ниска вегетација, но зафатил голема површина. Масовно на пожарникарите им помагало и локалното население.
Пожар попладнево избил и во атарот на село Борино и село Житоше, во Крушево. Ангелов вели дека се работи за тешко пристапен терен.
-Таму ќе биде упатен еден полициски хеликоптер кој набргу треба да започне со дејство, бидејќи во близина има непосреден извор за полнење на вода – рече Ангелов.
На територијата на Општина Куманово Куманово, во село Ново Сељање гори стрниште и нсика вегетација, а директорот на ДЗС очекува овој пожар брзо да биде изгаснат.