„Тинекс“ пред продажба: Косовска компанија побарала дозвола од КЗК за преземање на маркетите!

Врз основа на писмо за намери и рамка за трансакцијата помеѓу „Тинекс-МТ“ како продавач и „Проекс Интернационал“ како купувач, се согласиле за главните комерцијални услови и структурата на предвидената трансакција поврзана со стекнување од страна на купувачот на малопродажниот бизнис, наведува Комисијата за заштита на конкуренцијата.

by vlatko 18:10
18:10

Косовската компанија „Проекс Интернационал“, што ги управува маркетите под брендот „Интерекс“, доставила до Комисијата за заштита на конкуренцијата известување за концентрација, со што всушност изразува намера да стекне контрола врз новоформираното друштво „Тинекс маркет“, под чија капа функционираат маркетите Тинекс кои периодов се соочуваа со тешкотии во работењето, со оглед дека недостигаа производи, а дел продавниците беа и затворени.

Имено, документот на КЗК открива дека на 2-ри јули годинава „Тинекс-МТ“ како продавач и „Проекс Интернационал“ како купувач потпишале Писмо за намери и рамка за трансакцијата, во кое ги утврдиле главните комерцијални услови и структурата на планираното преземање. Притоа, предмет на трансакцијата е малопродажниот бизнис на „Тинекс-МТ“ на Владимир Тодоровиќ, односно мрежата маркети што работат под имињата Тинекс, Супер Тинекс, Тинекс Деликатес, Конто и Спот.

„Врз основа на писмо за намери и рамка за трансакцијата од 02.07.2026 година склучено помеѓу Тинекс-МТ како продавач и Проекс Интернационал како купувач, се согласиле за главните комерцијални услови и структурата на предвидената трансакција поврзана со стекнување од страна на купувачот на малопродажниот бизнис на супермаркети што моментално го управува Тинекс-МТ, меѓу другото, под називите Тинекс, Супер Тинекс, Тинекс Деликатес, Конто и Спот“, наведуваат од КЗК.

Оттаму додаваат дека „Тинекс-МТ“ по потпишувањето на писмото за намери, или поточно на 14.07.2026 година го регистрирал друштвото „Тинекс маркет“, наменето да служи како средство за стекнување и работење на бизнисот, при што се наведува: „На Тинекс маркет ќе му се стави на располагање бизнисот или релевантните делови од бизнисот во согласност со главните услови договорени во писмото и како што ќе бидат дополнително регулирани во преддоговорот за купопродажба на удел и дефинитивната документација за трансакцијата“.

Воедно, од Комисијата информираат дека главна дејност на „Проекс Интернационал“ е трговија на мало во неспецијализирани продавници претежно со храна, пијалаци и тутунски производи, како и дека оваа компанија и групацијата на која и припаѓа немаат поврзани субјекти регистрирани во Македонија, ниту оствариле приходи на македонскиот пазар во 2025 година. Засега, КЗК не дала зелено светло за преземањето, односно по прелиминарното испитување утврдила дека концентрацијата може да потпадне под одредбите од Законот за заштита на конкуренцијата.

На почетокот на годинава, дел од медиумите објавија дека маркетите Тинекс ќе ги преземе интернационалниот синџир „Спар“, кој веќе ги ребрендираше маркетите „Кит-Го“. Меѓутоа, тогаш од „Тинекс-МТ“ ги демантираа ваквите информации, велејќи дека компанијата нема започнато никакви преговори со Спар, ниту со кој било друг потенцијален купувач, како и дека не постои договор или договорни разговори за купопродажба или пренос на сопственост на кој било од нивните продажни објекти.

„ТИНЕКС-МТ ДООЕЛ Скопје нагласува дека информациите поврзани со работењето, стратешките одлуки и идните планови на компанијата се соопштуваат исклучиво преку официјални канали, и ги повикува медиумите пред објавување на вакви наводи да побараат потврда директно од компанијата. Компанијата продолжува да работи под управување на единствениот сопственик Владимир Тодоровиќ, со целосна посветеност кон обезбедување квалитетни услуги за клиентите, стабилност за вработените и одговорен однос кон деловните партнери“, истакнаа тогаш од компанијата.

Во меѓувреме, друштвото на Тодоровиќ влегло во преговори и постигнало прелиминарен договор со косовската „Проекс Интернационал“, која веќе до КЗК доставила известување за концентрација, изразувајќи намера да стекне контрола врз малопродажниот бизнис на „Тинекс-МТ“ префрлен во новоформираната „Тинекс маркет“, односно врз мрежата маркети што работат под имињата Тинекс, Супер Тинекс, Тинекс Деликатес, Конто и Спот. За таа цел, двете страни веќе потпишале Писмо за намери и рамка за трансакцијата, во кое ги утврдиле главните услови и структурата на преземањето.

Инаку, компанијата „Проекс Интернационал“ е активна од 2011 година и стои зад Интерекс – еден од најголемите малопродажни синџири во Косово со 36 маркети во 18 градови и околу 1.700 вработени. Станува збор за вториот по големина синџир на маркети во Косово, а матичната компанија која го поседува има и бензински пумпи и располага со значаен имот во недвижности. Во текот на ланската година, фирмата остварила приходи од над 223 милиони евра.

Што се однесува до „Тинекс“, пак, компанијата во изминатиот период се соочи  со сериозни финансиски предизвици. Според официјалните податоци, приходите на компанијата во ланската 2025 година изнесувале околу 86 милиони евра, што е за над 16 проценти помалку во однос на претходната 2024 година. Покрај тоа, ако друштвото во 2024 година имала добивка од 878 илјади евра, лани забележало загуба од дури 3,5 милиони евра. Патем, фирмата во 2024 година имала 1.120 вработени, додека во 2025 година оваа бројка паднала на 995.

Паралелно со тоа, пак, српската веледрогерија за козметика „Јасмин“ изразила намера да го преземе козметичкиот и парфимериски бизнис на „Тинекс“ – „Космо“. Во однос на тоа, од КЗК посочуваат: „ЈАСМИН ПАРФИМЕРИЈА ДООЕЛ Скопје ќе стекне единствена контрола врз функционално определен дел од претпријатието на ТИНЕКС-МТ, односно ЈАСМИН ПАРФИМЕРИЈА ДООЕЛ Скопје ќе го преземе работењето на четири деловни единици – КОСМО Тинекс Дрогерии, кои како подружници работат под трговскиот знак „Cosmo” (“Целен бизнис”), заедно со залихите на готови производи, опремата и мебелот што се наоѓаат во нив“.

Влатко Стојановски

Слични вести