(ВИДЕО) Спасовски бара директорот на Финансиско разузнавање да каже што му рекоа на Славески за парите и луѓето кои стојат зад Алта банка

by irena 18:44
18:44

Оливер Спасовски од СДСМ на денешната надзорна расправа за Алта банка во Собранието побара од директорот на Управата за финансиско разузнавање да објасни кога Народната банка побарала проверки за Алта банка Белград, што утврдиле и какво мислење било доставено за потеклото на капиталот. Посочи дека гувернерот Трајко Славески во своето сведочење се повика на добиени позитивни мислења од надлежните институции, меѓу кои ја навел и Управата за финансиско разузнавање.

„При постапката за лиценцирање на Алта банка за мене беше логично и нужно да имате соработка со Народна банка, но таа моја логика е потврдена после исказот на гувернерот Трајко Славески којшто рече дека ги собрал сите мислења во однос на постапката за Алта банка, меѓу кои ја посочи и Управата за финансиско разузнавање и дека од таму се добиени сите потребни позитивни мислења во однос на работењето со Алта банка“, рече Спасовски.

Ја истакна одговорноста на Управата во следењето на финансиските текови, проверката на сомнителните трансакции и утврдувањето на потеклото на средствата на инвеститорите кои влегуваат во државата.

„Многу е важно инвеститорите во државата коишто влегуваат да видиме со какви финансиски средства располагаат и кое е практично нивното потекло“, нагласи Спасовски.

Пратеникот појасни дека „финансиското разузнавање е тоа коешто ги прибира сите тие информации и податоци и на основа на тој склоп на информации и податоци вие практично можете да доставите одредено мислење коешто треба да го искористи гувернерот, односно Советот на Народна банка“.

 

Слични вести