Марјан Даскаловски се повлече од челната позиција на Општинската организација на СДСМ во Струмица

by jadranka 18:18
18:18

Долгогодишниот претседател на Општинската организација на СДСМ во Струмица, Марјан Даскаловски, се повлече од функцијата. Тој за својата одлука веќе го известил претседателот на партијата, Венко Филипче, а веста ја сподели и преку социјалните мрежи.

Даскаловски појаснува дека повлекувањето од лидерската позиција во едно од најсилните партиски упоришта на СДСМ е мотивирано од лични причини. „Оваа одлука ја носам со мирна совест и чисто срце, водена пред сè од лични причини. Изминатиот период беше исполнет со многу работа, заеднички победи, но и предизвици со кои се соочувавме секогаш со крената глава и со мисла за доброто на Струмица“, нагласува Даскаловски.

Тој упати благодарност до сите членови, симпатизери, активисти и соработници за поддршката и вложената енергија, додавајќи дека му било чест да ја предводи организацијата. На идниот претседател и на новото раководство им посака многу успех, мудрост и нова енергија во водењето на партијата на локално ниво.

Иако се повлекува од претседателското место, Даскаловски порача дека не заминува од партијата. Тој нагласи дека останува отворен за поддршка и подготвен да помогне со своето искуство и знаење секаде каде што ќе биде потребно.

Оваа оставка доаѓа во период кога партијата помина низ внатрепартиски избори на централно ниво, по што следуваат процеси на консолидација и реорганизација на општинските организации низ државата.

Слични вести