Во рамки на официјалната посета на Република Словачка, денеска во Братислава беше одржана заедничка прес-конференција на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и словачкиот претседател, Петер Пелегрини. Македонската претседателка порача дека заедно со словачкиот колега споделиле мислења и за нашиот, како што рече, предолг пат кон Брисел, кој јас понекогаш го нарекува маратон или дали го чекаме господинот Годо.
-Зошто го велам ова? Се работи за долг пат со бројни ирационални пречки од идентитетски карактер што е спротивно на суштината на природата на ЕУ.
Го поздравувам словачкиот став дека идентитетските и културните прашања не треба да бидат предмет на политички условувања и преговори. Мислам дека токму почитувањето на културниот интегритет на секој народ е суштината на европската идеја.
Особено го цениме ангажираниот став на Словачка, но и на неколку други земји кои трагаат по можно рационално решение за интегрирање на Западниот Балкан во европските структури, за да може земјите коишто долги години се во кандидатски статус, да не бидат оставени настрана, да не бидат на периферијата на периферијата, односно да може да бидат чуени. Тоа е нешто што е кредибилно и тоа е нешто што не обврзува, рече претседателката од Братислава.
Додаде дека Европа е наш природен дом – географски, историски и културно.
-Она што ние го бараме е да бидеме третирани како сите останати, да бидеме вреднувани според Копенхашките критериуми, да добиеме можност да се фокусираме на реформите и на владеењето на правото, наместо да ја губиме енергијата на билатерални прашања, што немаат врска со духот и словото на Копенхашките критериуми, истакна, меѓу другото, Сиљановска Давкова.