Алијанса за Албанците предводена од Арбен Таравари поднесе иницијатива до Уставниот суд со која се оспорува уставноста на измените на Законот за прекршоци.
На два дена пред стартот на системот „Безбеден град“, ова е трета иницијатива со која се оспорува уставноста на законот.
Уставниот суд веќе формира предмет по иницијативите на Алијанса за Албанците предводена од Зијадин Села и од Илир Пачуку во кои се оспоруваат измените на Законот за прекршоци, во делот кој се однесува на воспоставувањето и функционирањето на електронскиот систем за надзор во сообраќајот, познати како „Безбеден град“.
Пратеникот Халил Снопче рече дека го оспоруваат Законот во делот на нееднаквата примена на системот „Безбеден град“ бидејќи тој ќе се спроведува само во Скопје, Куманово и Тетово, како и на Коридорите 8 и 10, а не и на целата територија на земјава.
„Членот 9 од Уставот гарантира еднаквост на сите граѓани. Примената само во три града не нуди еднаквост на граѓаните“ – кажа Снопче.
Според партијата, секој закон мора да биде правичен, еднаков и да обезбеди исти права за сите граѓани.
Зијадин Села од Алијанса за Албанците исто така до Уставниот суд поднесе иницијатива за оценување на уставноста на Законот за прекршоци.