ЈП ЖРСМ Инфраструктура Скопје повеќе години континуирано искажува негативен финансиски резултат од своето работење, што негативно влијае на одржувањето, рехабилитацијата и модернизирањето на железничката инфраструктура, како клучен сегмент на транспортниот систем во државата, со стратешко значење за економскиот развој, поврзувањето на регионите и заштитата на животната средина, покажа новиот ревизорски извештај.
Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура Железници на Република Северна Македонија – Скопје за 2024 година.
Со ревизијата е утврдено дека најголемиот дел од материјалните средства во подготовка на ЈП ЖРСМ Инфраструктура Скопје во износ од 8.898.087 илјади денари (околу 144 милиони евра), претставуваат проекти чија реализација е во тек како што се изградбата на две делници пругата од Куманово до Крива Паланка. Овие проекти се финансирани со кредити од меѓународни финансиски институции.
Извршената анализа покажала дека за рехабилитација, изградба и реконструкција на железничката инфраструктура се одобрени заеми во вкупен износ од 191,4 милиони евра, од кои 44% сѐ уште не се повлечени. Поради тоа, до крајот на 2024 година се платени 7,78 милиони евра провизии за неповлечени средства (536 илјади евра во 2024 година) при што најголем дел се однесува на заемот за Коридор 8 – Фаза 2. Во 2024 година, по основ на камати за заемите, чија каматна стапка е варијабилна и се движи од 4,84% до 5,14%, исплатени се вкупно 2,85 милиони евра.
Констатирано е отсуство на системски и аналитичен пристап и недоволна подготвеност при планирање, првично проектирање, градење и реконструкција наж делниците 1 и 2 од источниот дел на железничкиот Коридор 8, чија изградба трае од 1996 година, поради што не е овозможен постојан, непрекинат и квалитетен пристап на железничката инфраструктура, како и организирање и регулирање на сигурен железнички сообраќај.
Поради бројни непредвидени и дополнителни работи биле направени измени и дополнувања на основните проекти (варијации) и побарувања (claims), што предизвикало зголемување на вредноста на склучените договори и пролонгирање на рокот за изградба/реконструкција на делниците.
Вредноста на договорот за делница број 1 кој е склучен во текот на 2013 година, бележи зголемување за 96% од вредноста на првично склучениот договор (39,7 милиони евра, односно приближно 2 милиони евра за 1 км за рехабилитација на Коридор 8, фаза 1), а рокот за завршување на проектот поради грешки во проектната документација: конструктивни и статички грешки, несоодветно техничко решение во однос на постоечката состојба на теренот со потреба од дополнителна експропријација, промена на материјали, сигнализација и телекомуникации, пристапни патишта, раскинување на договор и избор на нов изведувач пролонгиран е за 8 години и 3 месеци. За делницата број 2, 18 години по запирање на градбата и 8 години по склучувањето на договорот за заем , склучен е договор за градба во јули 2022 година, во вредност од 155 милиони евра, со пролонгиран рок на завршување до 23.10.2026 година
Утврдено е дека дел од материјалните средства во подготовка или 33% се набавени пред 15 години и воопшто не се искористени, што претставуваат нерационално користење на јавните средства и ја доведуваат во прашање нивната оправданост, а истовремено постои можност од намалување на нивната употребна вредност.
Со извршениот увид во деловните книги на претпријатието утврдено е дека за земјиште со вредност од околу 117 милиони евра не се обезбедени имотни листови, 91% од градежните објекти или 12.772.972 илјади денари (над 200 милиони евра), претставуваат линиски инфраструктурни објекти кои не се евидентирани во катастарот на инфраструктурни објекти во Агенцијата за катастар на недвижности и за 88% од останати градежни објекти јавното претпријатие не поседува имотни листови со кои ќе се докаже запишаното право на сопственост.
ЈП ЖРСМ Инфраструктура Скопје континуирано искажува загуби од работењето при што за 2024 година загубата изнесува 188.775 илјади денари или над три милиони евра (истата споредена со претходна 2023 година е намалена за 486.136 илјади денари), а заедно со пренесена загуба од претходни години (4.536.122 илјади денари) достигнува вкупен износ од 4.724.897 илјади денари или 76,6 милиони евра.
Континуираните загуби во работењето негативно влијаат врз тековното и идно работење на јавното претпријатие, неговиот развој и го доведуваат во прашање ефикасното управување, одржување и безбедноста на железничката инфраструктура и сообраќајот.
Од извршената анализа на бројот на вработените, старосната и квалификационата структура ревизијата утврдила дека од вкупно систематизираните 1.314 работни места во актот за систематизација, пополнети се само 54% или 718 работни места. Графичкиот приказ на старосната структура на вработените покажува дека со најголем процент застапени се вработени на возраст од 56 до 60 години.
Од вкупниот број на вработени 30% не ги исполнуваат посебните услови за степен или вид на образование, додека 5% дополнителните услови, пропишани со актот за систематизација, што може неповолно да влијаат на организацијата на работата, распределба на задачите, како и врз квалитетното извршување на дејноста .
Од 2020 година па до периодот на вршење на ревизијата воспоставена е пракса, недостатокот од кадар да се пополнува преку распоредување на вработените со времени решенија на систематизирани работни места, наместо преку спроведување постапки за вработување (со јавен оглас) или унапредување (со интерен оглас), што не е во согласност начелото на еднакви услови, еднаков пристап до работно место, соодветна и правична застапеност и начелото на стручност и компетентност при вработувањето и унапредувањето на вработените .
Од вкупно 96 вработени распоредени со времени решенија во 2024 година, 55% не ги исполниле посебните услови за работното место, а 12% од вработените не ги исполниле дополнителните услови утврдени со актот за систематизацијата на работните места на претпријатието .
Во однос на вршење на основната дејност на јавното претпријатие, која опфаќа управување, изградба, реконструкција, ремонт, одржување, заштита на железничка инфраструктура, организирање и регулирање на железничкиот сообраќај и раководење со системите за регулирање и безбедност, ревизијата констатирала застарена, недоволно одржувана и делумно нефункционална железничка инфраструктура .
На дел од главните коридори (10, 10д и 8) се вози со намалени брзини поради бројни дефекти, застарени системи и опожарени прагови, а на одредени делници сообраќајот е целосно запрен. Повеќе од 40 години нема значајни инвестиции, што ја загрозува безбедноста, капацитетот на железничкиот сообраќај и начинот на вршење на дејноста. Поради наведеното истакната е потребата од значителни вложувања за нејзина модернизација и обновување.
Со извршената ревизија констатирани се и низа други состојби, неправилности и за нивно надминување се дадени препораки насочени кон преземање на соодветни мерки и активности од страна на надлежните институции и одговорните лица.
Законскиот застапник на јавното претпријатие доставил две известувања до ДЗР за преземени мерки по препораките на овластениот државен ревизор вклучувајќи ги и информациите за преземените активности за степенот на реализација на проектите на Коридор 8.
О.К.