Градоначалникот на Град Скопје и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, денес ја предводеше втората седница на Управниот одбор на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) во новиот состав, на која беа разгледани и усвоени повеќе прашања од суштинско значење за понатамошното јакнење на локалната самоуправа и унапредувањето на јавната администрација во државата.
Седницата беше со посебен фокус на деполитизацијата на работата на Управниот одбор, јакнењето на институционалните капацитети на општините и воспоставувањето поефикасни, потранспарентни и поодговорни системи за управување.
Во таа насока, беше истакната важноста од воведувањето на современи дигитални решенија за управување со човечки ресурси во јавниот сектор, како и приоритетот за воспоставување комунална полиција преку законски измени, со цел поголем ред, дисциплина и ефикасност на локално ниво.
Дополнително, беше нагласена потребата ЗЕЛС да настапува обединето и со единствен став по клучните прашања, со што се зацврстува неговата улога како кредибилен партнер на институциите и силен застапник на интересите на општините и граѓаните.
Денес ја одржавме втората седница на Управниот одбор на ЗЕЛС, на која разгледавме и усвоивме неколку значајни точки од суштинско значење за понатамошното јакнење на локалната самоуправа, објави Ѓорѓиевски.