Управител на друштво за технички прегледи на моторни возила е осомничен дека во период од четири години противправно присвоил повеќе од 41,5 милиони денари (675.000 evra) од јавни давачки наплатени при регистрација на возила.
Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Тетово против М. Н., поради сомнение за продолжено кривично дело „Проневера во службата“.
Според истрагата, осомничениот од 1 јануари 2022 до 31 декември 2025 година, користејќи ги овластувањата на друштвото, противправно присвојувал средства наплатени од граѓани и правни лица при регистрација на моторни возила.
На овој начин, според Финансиската полиција, на друштвото му прибавил противправна имотна корист од 41.518.042 денари, на штета на општините, Министерството за животна средина, Службата за помош и информирање, Црвениот крст на Македонија и Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Дополнително, во текот на 2022 и 2024 година, осомничениот наводно извршил незаконски отпис на јавни давачки во износ од 17.090.623 денари, со цел да ги прикрие неправилностите.
Со тоа, според пријавата, во сметководствената евиденција бил намален долгот кон надлежните институции и биле прикажани помали обврски по основа на јавни давачки.