Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски кој синоќа беше на терен, информира дека кај стариот „Прогрес“ на улиците „Крушевска“ со „Македонска фаланга“ водата е повлечена, а екипи на јавните претпријатија „Водовод“, „Комуналец“, „Нискоградба“ и на противпожарната единица на Битола пристапија кон чистење на локацијата.
Во селото Кравари работеле три машини на каналската мрежа, една од АД Водостопанство подружница „Битолско поле“ и две машини од јавното претпријатие “Водовод“.
Синоќа градоначалникот на Битола со екипи од „Битолско поле“ и другите јавни претпријатија беа на увид по течението на реката „Драгор“ до вливот на река „Црна“, при тоа ги посетија населените места Долно Оризари, Карамани и Трн. Од Општина Битола информираа дека состојбата е стабилна, реката „Драгор“ ги прибира сите води и ги носи во главниот реципиент реката „Црна“.
На мерната станица на река „Црна“ кај Новаци, водостојот бил 2,18 метри што е очекувано по обилните дождови. На мерната станица на „Стрежево“ измерени се 40 литри на метар квадратен во изминатите 12 часа, што е количина која по дефиниција предизвикува локални поплави, посочија од Општина Битола.
Екипи на „Битолско поле“ вчера од 16:00 часот биле на терен со машина роковопач на Новачки пат кај селото Логоварди по барање на жителите, направиле увид на состојбата во Долно Оризари, Карамани, по течението на реката „Драгор“ и последната интервенција во селото Кравари во координација со јавните претпријатија и Општина Битола. Утре „Битолско поле“ со целата расположлива механизација продолжува на терен со санација.
Битолска „Нискоградба“ интервенирала во селото Канино, на улицата „Скоевска“, а од Општина Битола во објава на социјалните мрежи најавија и интервенција и во Кажани, како и на влезот на Битола кај Горно Оризари.
Претходно интервенирале и над локалитетот „Хераклеа“, каде имало проблем од надојдената вода, потоа на улицата „Солунска“ во населбата „Боримечка“, на Лавчански пат и населбата „Стрчин“.
Јавното претпријатие „Стрежево“ интервенирало во селото Лера, заглавено дрво во малиот мост кој спречува истекување на водата.
Од претпријатието информираат за многу надојдена вода во реката „Шемница“, а патот кој води за селото Доленци е привремено затворен за движење.