Мијалков: Никогаш не сум го поседувал и немам никаква поврзаност со земјиштето во Морани

by valentina 11:03
11:03

По објавата на ,,Фокус”  дека се продава земјиште, кое било конфискувано во случајот ,,Империја”, а било одземено од Сашо Мијалков, екс директорот на УБК испрати реакција со која демантира дека земјиштето некогаш воопшто било во негова сопственост.

,,Вашиот текст со наслов,, Се продава огромно конфискувано земјиште на Мијалков, во Морани, за почетна сума од 5 евра по квадрат” е целосно неточен и несоодветствува со реалната состојба.

Вистината е дека никогаш не сум го поседувал и немам никаква поврзаност со тоа земјиште и заради тоа не можело да ми биде конфискувано.

Целиот текст е лажна сторија во која моето име непотребно се врзува со земјиштето кое е предмет на огласот распишан од Агенцијата за управување со одземен имот.

Најостро ги демантирам вашите наводи за каква било моја поврзаност со земјиштето кое е предмет на оваа наддавање. Заради зачувување на новинарската етика очекувам оваа моја реакција да биде објавена во целост, како и извинување на истиот простор на вашиот медиум како што беше објавен текстот.

Во спротивно ќе бидам принуден да барам заштита во соодветна судска постапка”, се наведува во демантот потпишан од Мијалков.

Појаснување од ,,Фокус”

При пишување на текстот, ,,Фокус” користеше јавно достапни информации, според кои се наведува дека споменатото земјиште било во сопственост на Мијалков.

Поточно, кога во 2023 година од Агенцијата за управување со одземен имот истото земјиште, со уште неколку недвижнини, беше објавен за продажба, беше кажано дека имотот бил во сопственост на Мијалков, одземен во случајот ,,Империја”.  Така тогаш објавија и медиумите.

,,Фокус” во последната објава се повика и на лицитацијата од 2023 година, која заврши неуспешно, а тогаш објавените информации не биле демантирани.

,,Фокус” ќе ја корегира објавената информација, а авторот на текстот се извинува за недоразбирањето. Во меѓувреме очекуваме појаснување од Агенцијата за управување со одземен имот во чија сопственост претходно била одземената парцела која е огласена за продажба.

Валентина Вурмо

Слични вести