Детската градинка во општина Конче, радовишко информираше дека водата која ја пиеле децата во градинката не била безбедна како што претходно тврдело јавното комунално претпријатие Лакавица.
„Според последните наоди направени на 23.09.2025 ве известуваме дека водата е бактериолошки загадена и не е безбедна за консумација од страна на човекот иако ЈКПД ЛАКАВИЦА пласираа лажни извештаи сепак се докажа дека водата НЕ Е БЕЗБЕДНА. Ова е особено загрижувачки бидејќи станува збор за детска градинка каде секојдневно престојуваат деца.“ – стои во објавата.
Оттаму повикуваат до надлежните да преземат мерки за решавање на овој проблем и да обезбедат вода која децата ќе може да ја консумираат.
„Здравјето на најмладите мора да биде највисок приоритет – водата е најосновното човеково право и нема место за негрижа и одлагање!“ – додаваат од Детската Градинка.

Тие претходно реагираа дека мострите земени на 16 09 исто така не биле уредни па побарале повторно испитување на водата.
Согласно објавата од ЈКПД „Лакавица“ дека на 16.09.2025 биле земени мостри од вода во детската градинка и дека резултатите биле „уредни“ – ВЕ ИЗВЕСТУВАМЕ дека тоа НЕ е точно. Водата не е земена од градинката, туку од друго место , иако стои место на земање Детска Градинка ,а резултатите се НЕУРЕДНИ и од тоа друго место!
Наместо да се пласираат нецелосни и лажни извештаи и деманти , бараме од ЈКПД „Лакавица“ и Општината како надлежни институции да пристапат кон ИТНО решавање на проблемот.
Станува збор за воспитно-згрижувачка установа каде секојдневно престојуваат деца, и нивното здравје мора да биде на прво место!“, објавија од менаџментот на градинката.
О.К.