Дарко Симуновски – крипто експерт и портфолио менаџер во интервју за Фокус говори за опасностите и ризиците кои доаѓаат со инвестирањето во криптовалутите, начинот на кој истите функционираат како и за евентуалната регулација на криптовалутите.
– Во јавноста се актуелизираше темата за регулацијата на криптовалутите кои во моментот функционираат во една ,,сива“ зона и истите не се регулирани со посебен закон и не се препознаени на нашиот пазар. Каква е состојбата сега, дали може да се поседуваат крипто валути?
Во Македонија, криптовалутите моментално функционираат во „сива зона“, што значи дека не се забранети, но ниту се целосно регулирани со посебен закон. Тргувањето со криптовалути е легално, бидејќи не постои законска одредба што експлицитно го забранува тоа, со тоа може да се заклучи дека секој може да поседува криптовалути.
– Постојат ли опасности и ризици во инвестирање на криптовалути?
Да апсолутно дека постои ризик при секое инвестирање во финансиските средства, особено во криптовалути. Криптовалутите знаат да бидат многу волатилни што значи цените драстично се менуваат за краток период, а тоа може да доведе до големи заработки, но и значителни загуби. Истотака постојат измами како памп и дамп шеми и лажни проекти без реална вредност што ги привлекува инвеститорите со лажни ветувања и ги доведуваат во заблуда.
Вложување во меме-токени претставува еден вид на играње во казино затоа што тие не презентираат реална вредност, туку нивната цена се базира само на шпекулации затоа што тие не претставува никаков проект или решение.
Следен ризик кој би го навел е ниската ликвидност за помалку популарни криптовалути со тоа продавањето може да доведе до загуби.
Сепак за било какво инвестирање потребна е основна едукација за да се има основна претстава во што се вложуваат парите.
Мој совет е да се пазари од топ 50 криптовалути со исклучок на меме-токени или да се бара консултација од стручно лице.
-Дали е потребна регулација на оваа материја и како би помогнало регулирањето на криптовалутите за земјата?
Регулација на криптовалути е круцијална за развојот на државата за да се создаде стабилна и сигурна средина за инвеститорите и економијата. Јасните регулативи би овозможиле заштита на граѓаните од измами и ризици, како оние предизвикани од нерегулирани берзи или лажни проекти.
Воведувањето на регулација би донело неколку клучни придобивки. Прво, би привлекло странски инвестиции во крипто-секторот, што би го поттикнало економскиот раст и би отворило нови работни места. Второ, би овозможило собирање на даноци од трансакциите со криптовалути, зголемувајќи ги државните приходи и ликвидноста на денарот.
Јас верувам дека со добра и робусна регулација Македонија може да се позиционира како лидер во регионот во адоптација на блокчејн технологијата, избегнувајќи заостанување зад глобалните трендови. Јас исто така сметам дека една таква регулацијата би ја зголемила довербата во пазарот, овозможувајќи поголема финансиска инклузија и заштита, особено за оние што не се доволно едуцирани за ризиците од крипто инвестициите.
– Кои решенија според вас треба да ги содржи идната регулатива, за да имаме професионална и безбедна регулација на крипто валутите?
– Имплементација на платежен систем во државата за криптовалути со крипто-денар трансакции и обратно. Дозволено тргување на стоки и услуги со криптовалути меѓу потрошувачите и приватни фирми.
Со цел за одржување на стабилноста и ликвидноста на денарот и банкарскиот систем во Македонија, секоја крипто трансакција ќе биде конвертирана во крипто-денари.
– Закон за класификација на токени и токенизирани хартии од вредност. Дефинирање на правна класификација на различни видови токени и нивниот третман според законите за хартии од вредност за да се обезбеди јасност и регулаторни насоки.
– Создавање јасни законски рамки за процес на токенизација, како што се: Недвижности, обврзници, хартии од вредност, комодитети, документи, секаква сопственост, катастар и многу други можности, со цел за влез на свеж капитал и докажување на транспарентност.
– Обезбедување на ресурси, обука и едукација преку различни начини за населението, бизнисите и политички чинители, со цел за да се подобри разбирањето за блокчејн технологијата и нејзините импликации во општеството.
– Верификација на идентитет базирана на блокчејн преку законски рамки за управување со дигитален идентитет и одбрана на приватноста.
– Додавање на ново административно тело за регулација на криптовалути како нов сектор во постојната КХВ.
– Регулација на централизирани менувачници и други учесници кои нудат тргување на криптовалути за заштита на инвеститорите.
– Приватност и безбедност на податоците преку регулативи за да се осигураме дека блокчејн апликациите се усогласени со законите за заштита на податоците, вклучително и одредби за согласност од корисникот, енкрипција на податоците и безбедно складирање на податоци за да не се случуваат несакани настани како што беше хакирањето на ФЗО.
– Поединците имаат право на приватност и контрола врз нивните лични податоци и финансиски средства.
Право на пристап, односно луѓето мора да имаат можност слободно да пристапуваат и да ги користат нивните дигитални средства вклучувајќи и банкарски трансакции поврзани со криптовалути.
– Нула данок на добивка од криптовалути, државата ќе има прилив од веќе постоечките данок на додадена вредност ДДВ
– Кои странски искуства треба да ги следи евентуалната регулација?
Дубаи и Обединетите Арапски Емирати се најдобриот пример особено поради нивната политика на нулта даночна стапка за крипто-трансакции. Овие мерки привлекоа огромен капитал и технолошки компании, правејќи го Дубаи крипто-хаб. Јас предлагам сличен модел со нулта даночна стапка за крипто трансакции во Македонија, што би ги направило инвестициите попривлечни и би ја позиционирале земјата како конкурентна дестинација за блокчејн бизниси.
Ел Салвадор е уште еден случај што морам да го истакнам, особено поради нивната одлука од 2021 година да го легализираат Биткоинот како законско платежно средство и дел од националните резерви. Ова доведе до прилив на инвестиции и економски раст од 12% за една година. Македонија може да го следи овој пример со интегрирање на Биткоинот во националните резерви, што би донело значителен профит и би ја ставило земјата во чекор со глобалните трендови.
Сингапур, Малта и Латвија исто така се имплицирани како модели поради нивните јасни регулаторни рамки кои ги прават атрактивни за крипто-компании. Сингапур, на пример, има лиценцирање за крипто-берзи и строги правила против финансиски криминал, но истовремено поддржува иновации преку флексибилни политики.
Македонија може да примени слични принципи, фокусирајќи се на токенизација на сектори како недвижности, приватен сектор, хартии од вредност земјоделство и др сектори за да се демократизира економијата. Ако САД го прифатат Биткоинот како резервна валута, тоа би создало преседан што други земји, вклучително и Македонија, би можеле да го следат за да ја зајакнат својата економија.
Странските искуства треба да се адаптираат на македонскиот контекст со фокус на три клучни аспекти: јасни регулативи за да се привлечат инвестиции, нулта даночна стапка за крипто-трансакции за да се стимулира пазарот и имплементација на блокчејн за транспарентност и борба против корупцијата каде стартапите можат да тестираат проекти без строги бирократски ограничувања, и да воведе блокчејн во јавниот сектор за да се елиминира корупцијата, инспирирано од примери каде оваа технологија веќе се користи за транспарентна и ефикасна администрација.
K.O.