Болен ум

Ова се страшни и шокирачки информации. Да му отвориш на некој граден кош, да го расечеш, а реално за тоа нема потреба, за само да ставиш илјадници евра в џеб, е монструозно. Повеќе од јасно ни е што кријат јавните здравствени установи, но уште пострашно е тоа што кријат приватните, кои претставуваат одаи на елеганцијата и луксузот, во кои можност да се лекуваат имаат само богатите, поточно тие што имаат длабок џеб и што не сакаат, додека лежат и им тече инфузијата, друштво да им прават лебарки и стаорци.

by irena 20:30
20:30

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

 00.15 часот. Недела. Едно младо срце прекина да чука во една од приватните болници, во која му беше извршена итна операција на срцето. Згасна уште еден млад живот, уште еден сопруг, уште еден татко на две малолетни деца. Тоа е секојдневието во Македонија. Многу е жално што стресот, беспарицата, проблемите на работа и уништениот систем згаснаа многу млади животи.

Ова е само еден пример од безличното секојдневие во македонските болници, без разлика дали се државни или приватни. Дали е лекарска грешка во прашање или едноставно дошол крајот? Жално е тоа што се случува, а уште пожално е што државното здравство ни е во тотален распад, а за таа сметка користат приватните болници, кои со астрономските суми на пари ги соголија до гола кожа пациентите, кои немаат друг избор. Сепак, за животот се работи.

Многу често тема во јавноста е државното, а многу поретко приватното здравство, кое на државна сметка преку Фондот за здравство млати пари и прави операции на срце, стентирања, бајпаси…Но, колку и да сакаат да се стават работите под тепих, сепак како што викаше Никола Груевски – „Вистината е како шило, врти, врти и ќе излезе“.

Во последната година постојано се шират муабети дека многу од операциите направени во две приватни болници се прават непотребно, чисто заради профит. Па, дали е и тоа можно?

Можно е, а што е и најжално, тој муабет, кој постојано се врти, мене ниту ме изненади, а верувам и дека е точен. Тоа само ми го потврди и кардиологот Сашко Кедев, кој во емисијата „Стадион“ на Канал 77, без трошка сомнеж сподели дека во приватното здравство се прават непотребни операции на срце заради профит.

„Мојата консултативна активност е одвраќање на луѓе од непотребни интервенции, непотребни стентирања. Ние во моментов се соочуваме со нешто застрашувачко, тоа се тие непотребни операции во приватните болници, кои се профит ориентед. Значи имаме приватни болници на кои единствен интерес им е профитот. Тоа се лесно докажливи работи, ние ги имаме тие филмови, тоа е сѐ снимено. Имаме докази дека одредени центри треба да се затворат од медицински аспект.

Да се случело тоа во Англија или во Америка, ќе ставеле под клуч. Оперирале без потреба, сечеле граден кош без потреба. Тоа е фасцинантно, нешто за кое релевантните институции требале да преземат нешто. Тука, пред сѐ, мислам на Фондот за здравство и на Министерството за здравство. Тоа се двете институции што ги плаќаат овие приватни болници и не зборуваме тука за плаќањето, туку за сериозни етички проблеми, кои се поврзани со профит. Профит во медицината не смее да има. Пари и профит има на здрави луѓе, не на болни луѓе“, беше дециден во интервјуто, доктор Кедев.

Ова се страшни и шокирачки информации. Да му отвориш на некој граден кош, да го расечеш, а реално за тоа нема потреба, за само да ставиш илјадници евра в џеб, е монструозно.

Повеќе од јасно ни е што кријат јавните здравствени установи, но уште пострашно е тоа што кријат приватните, кои претставуваат одаи на елеганцијата и луксузот, во кои можност да се лекуваат имаат само богатите, поточно тие што имаат длабок џеб и што не сакаат, додека лежат и им тече инфузијата, друштво да им прават лебарки и стаорци.

Ние во државава имаме реални проблеми, со кои нашата влада, која е сместена во шампитата на Илинденска веќе втора година, треба и мора да се занимава. На власт е дојдена благодарение на тој народ, кој некој го тера да се позајмува, да зема кредит, да продава куќи и станови и на крај да му отвори граден кош, за да профитира. Ужас. Ова го нема ни во најлошото филмско сценарио.

Додека премиерот Христијан Мицкоски и целата Бела палата на големо се подготвуваат за локалните избори, па уште невлезени во кампања, ветуваат брда и долини, луѓето што утре треба да ги гласаат, им умираат поради корумпирано и профитабилно здравство. Во 21 век да се прави операција на човек и да му се отвори граден кош за пари, малку е да се каже дека e монструозно, злобно и алчно.

Па така, тие од Белата палата, од каде што во заднина се следи сѐ што се пишува и се објавува во медиумите, треба повеќе да се замараат со тоа што го погодува народот, кој реално страда и умира за некој да си го полни џебот, отколку што се занимаваат со тоа кој ја критикува „идеалната“ влада на ВМРО-ДПМНЕ, која реално досега не направи ништо.

Многу e жално што со едни исти теми се занимаваме повеќе од 30 години, а црните вести, како темни облаци надвиснале над нас. Секојдневно слушаме за убиени баби, дедовци, жени, деца, и тоа од синови и сопрузи, затоа што никој од институциите не го превенирале тоа, кое на крај завршува со огромна семејна трагедија. Но, и тоа не е сѐ.

Во низата црни вести е и прегазена млада девојка од човек што добил инвалидска пензија дека има 99 отсто оштетување на видот, но затоа, пак, слободно си вози по македонските патишта. И кој ќе одговара сега што нечие дете е жртва на некоја Комисија, која преку врски и со пари дала инвалидска пензија на некој што реално нема потреба од неа? Кој ќе одговара за уште еден предвреме згаснат млад живот и за уште едно зацрнето семејство? Никој. Нормално, дека никој!

Македонија и сѐ е можно. Како дојде ред, повеќе да не можеме да ги изброиме младите жртви, и тоа жртви на македонскиот руиниран систем!

 

Слични вести