61

by Фокус

Со 63 мандати, Груевски ја затвори телевизијата А1. Следуваше безобѕирно инсталирање медиумска пропагандна империја со сомнителен „капитал“. Со 63 мандати почна впишувањето судии во тефтерчиња. „Сваровски“ беше цената?

Пишува: Сања ЛУКАРЕВСКА

Тоа не е само бројка меѓу 60 и 62. Тоа е посакувана бројка за недовршениот проект. Еве и зошто.
„ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата убедливо ќе победат на парламентарните избори. Важно е таа победа да биде историска, да биде со 61 пратеник. Таква победа ни е потребна за реформи, за проект за трансформација на Македонија“ – Христијан Мицкоски, ноември 2023 година.

Со слична, а во суштина со иста реторика, 61 мандат бараше и Груевски на предвремените парламентарни избори во 2008 година.

Груевото „да не зависиме од партиите од албанскиот блок“, Мицкоски го замени со „да не живееме во апартхејд зашто Македонија и владата македонска ја владее малцинска партија на малцинство, а тоа е ДУИ“.

Во 2008 година, Груевски доби и повеќе од посакуваното, 63 пратеници, и влезе во коалиција со ДУИ.

Мицкоски, во два наврата, се обиде да направи ново парламентарно мнозинство со неколку партии од албанскиот политички блок. И не стигна до посакуваните 61.

Фиксиран на 61, Мицкоски продолжува сите свои говори и изјави да ги развива околу таа бројка притоа самопрогласувајќи се за „единствен чувар на македонштината и на македонскиот идентитет“.

Само за освежување на меморијата. Набргу, откако Груевски доби 63 мандати, во ноќни собраниски „сеанси“, го донесоа Законот за употреба на јазиците што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните во Македонија и во единиците на локалната самоуправа.

ПАТРИОТИЗАМ ПО ПОТРЕБА

Следуваше признавањето на независноста на Косово. Да повторам, ова е освежување на меморијата за патриотизмот по потреба и за наводниот апартхејд.

Со 63 пратеници, Груевски ја почна идентитетската трансформација на сопствениот народ и со прескапо платениот „генетски“ инженеринг го „насади“ проектот „Скопје 2014“.

Милионите евра, близу милијарда, уште ги враќаме. Другото, уште поскапо го плативме. А сè почна наивно. Со скулптури: „Шмизла, мачка, вљубени…“.

Архитектонското востание „Не го силувајте Скопје“ заврши со ќотек од контрапротестирачите. Тоа беше генерална проба за новиот изум на ДПМНЕ: протест и контрапротест.

Со 63 пратеници, Груевски почна лустрација, измислувајќи кодоши по потреба.

Силата на мандатите му даде сила хировито да лустрира истакнати личности што не мислат како него.

На нарачаниот список за лустрација се најдоа и луѓе на смртна постела и одамна починати. Семејствата минуваа низ агонија и вербален линч.

Со 63 мандати, Груевски ја затвори телевизијата А1. Следуваше безобѕирно инсталирање медиумска пропагандна империја со сомнителен „капитал“.

Со 63 мандати почна впишувањето судии во тефтерчиња. „Сваровски“ беше цената?

Со 63 мандати и со спорна процедура, увезени беа над 300 автобуси од Украина и од Кина.

Со 63 мандати беше лесно да се „убеди“ Антикорупциска да заклучи дека трите стана на Груевски му ги купила мајка му и дека со тоа новинарите немаат веќе право да прашуваат на темата.

УБИСТВА, АПСЕЊА, АМНЕСТИРАЊА

Во 2011 година, на вторите предвремени парламентарни избори, Груевски освои 56 мандати.

За првпат гласаше дијаспората за пратеници од своите редови. ДПМНЕ и коалицијата добија 7 пратенички места помалку.

Ден по изборите, на улица беше „спружен“ Љубе Бошкоски. Истите што го прогласија за „херој од Хаг“, го прогласија и за „предавник на Јохан“. На крајот го прогласија за виновен за поткуп.

На 6 јуни 2011 беше убиен Мартин Нешковски. За МВР таков „настан не е пријавен“. Претепан е од „тигар“ на прославата на изборната победа на ДПМНЕ на плоштадот Македонија.

На истата локација, по две недели, пристигна веројатно најскапоплатениот споменик во светот – „Воин на коњ“.

Педесет и шест пратеници на ВМРО-ДПМНЕ одлучија да амнестираат, т.е. да престанат да бидат гонети одговорните за „Мавровски работници“, „Водството на ОНА“, „Непроштено“ и „Липковска брана“.

Пописот на населението беше прекинат со политичка волја на 56 мандати на Груевски и коалицијата.

„Дневник“, „Утрински“ и „Вест“ беа продадени. Купувачот ги купи за „евтино“ да ги уништи. Почеток на крајот.

Петкратно убиство кај Смилковско езеро.

Индискиот милијардер Субрата Рој беше пречекан во Скопје како „инвеститор на векот“. На тацна му беше дадено Љубаништа. Набргу Рој беше притворен како измамник на векот во сопствената земја.

На 24 декември 2012, кога се носеше буџетот за 2013 година, пратениците на опозицијата и новинарите беа насилно исфрлени од Собранието.

Надвор имаше протести. И задолжителните контрапротести. Денот остана како „црн понеделник“.

ДЕЛУМНО СЛОБОДНА ЗЕМЈА

Фридом хаус ја прогласи Македонија за делумно слободна земја и го „освои“ 116-то место според слободата на медиумите на Репортери без граници. И сето тоа со „само“ 56 пратеници!

Тие гласаа, во скратена постапка, за измени што овозможуваат премиерот по заминување од функцијата да има 6 телохранители од МВР, возач и службено возило во исто толку време колку што бил премиер.

Загина новинарот и сопственик на „Фокус“, Никола Младенов. МВР и Јавното обвинителство ја затворија истрагата и ја заведоа како несреќен случај.

Кривичниот суд во Скопје го осуди новинарот Кежаровски на 4,5 години затвор во случајот „Ликвидација“.

Пресудата беше толкувана како порака до „непослушните“ новинари.

Пред Општина Центар се случија насилни протести, како последица на манипулацијата дека советниците ќе одлучувале за уривање црква.

Дел од насилниците признаа вина и го посочија Груевски како поттикнувач. А и слушнавме за неколку „шлаканици да му се врзат“ на тогашниот градоначалник.

А тоа „жолтите комбиња“ веќе почнале да вртат, вртат, вртат… не само во кругот на Фамилијата.

Претседателот Ѓорге Иванов, кој беше кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, го одликува унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Докажан пријател на Груевски, до ден денешен.

За третите предвремени избори во 2014 година, и за „трансформациите“ направени на земјата од страна на ВМРО-ДПМНЕ со освоените 61 мандат, во следната колумна.

Продолжува…

(Авторката е заменик-претседател на СДСМ)

Поврзани новости