5 лаги за името со кои Груевски го збудалува македонскиот народ

by Фокус

Текстот е објавен на 28 мај 2010 година во недленикот „Фокус“.

Пишувал
Никола МЛАДЕНОВ

Прочуените сителови бумбари ме направија побогат за еден мошне живописен лик. Тоа е јунакот, кој веќе го развеселува и целото мое семејство, кое со нетрпение го очекува неговото редовно јавување од гордото Битуше. Понекогаш ручекот знае да не биде толку сладок, доколку јунакот Митре не се јави во првите минути од емисијата. Тогаш се прашуваме, што стана со човекот, зошто го нема, да не му се случило нешто? И, таман сме се загрижиле, да не настрадало деденцево од проклетата немаштија на бесплатни лекови, кога, ете го нашиот Митре, кај си се викна-провикна:

Смрт за предавниците, семката да им се сотре на грчките платеници, Грујо да живее… Останатите да умрат, разбира се, доколку не мислат како него!

И, така, секој божји ден, од четири и пол до пет попладне. Митре и божем патриотското друштво делат ордени за Груевци и бесилки за останатите. Морам да признаам, дека на почетокот ми одеа на нерви. Како и секое патетично занесување, впрочем, меѓутоа, со тек на време, почнав со сожалување да гледам кон Митре и сите Митревци што низ него говорат. Според гласот и тешкото дишење, човекот треба да е барем на 80-годишна возраст. Според она што го крешти во телефонската слушалка, човекот е прилично осамен. Или нема бабичка, или кутрата е топ-глува, па, и да сака, не може да ги слушне неговите секојдневни мудролии на сите можни теми, од Грци и Албанци, преку Балканот, се до Светот и Космосот… ем пошироко, секако!

Нека ми прости ако грешам, меѓутоа, реализиран човек на таква возраст не се јавува секојдневно со пцости во ,омилената емисија на најубавата водителка,. Тој си има попаметни работи. Се грижи за здравјето или за живеачката на децата, внучињата, правнучињата… Зошто да не, при таква виталност, му личи и некоја партија табла или домино со преживеаните од генерацијата, во паркот или пред локалното гранапче, сеедно. На таа борбеност, и некое пиво повеќе или помалку нема ниту да му се примети. Навистина, што би правел јас после ручекот, доколку Господ даде да ја доживеам неговата старост? Веројатно би читал некоја книга или весник, можеби би дремнал на каучот…

Или на внуците би им се правел малку важен со некоја гачка од долгиот живот, но, сигурен сум дека повеќе би сакал да ги слушам нив, тие да ми кажуваат за животот, низ нивните очи и нивната памет. Природно е, конечно, после толку зборување, човек во староста да ја почувствува убавината и на слушањето!

Затоа не верувам во автентичноста на овие гротескни фигури, кои брмчат по телевииите додека останатиот свет руча или одмора после ручекот. Според замислите на власта, тие би требало да го симболизираат умот и зрелоста на нашата нација, но, за жал, ефектот е сосема обратен. Кога ги слушате, не можете да не се засрамите од нивната плиткост и простотилак, со што власта покажува колку всушност го презира и потценува сопствениот народ. Тешко нас, ако навистина сме до толку неинформирани шовинисти, хомофоби, нетолерантни кон се што не мисли како нас, со елементарно непознавање на начините на кои функционира светот и векот, кое се граничи со имбецилност!

Со оглед дека бумбариве летаат на Ѕинговата телевизија, заклучувам дека власта сака низ нив да го соопшти посакуваното мислење за тековниот ден. Нешто како дневна заповед во касарните. Црн бумбар за Албанците, оти не го почитуваат лебот што им го дала оваа земја. Бел бумбар за Милошоски, оти не му е тешко да почека на пријател во водството на ЕУ. И, секако, златен, од најголемите, за божјиот син Груевски, затоа што… Затоа што е Груевски, богати. Зарем тоа не е доволно?! Мамичето ваше предавничко, па и на Божјиот син ли ќе му барате причини за искрена љубов!?

Истата задача ја имаат бумбароидните емисии и на останатите божем патриотски емисии. Тие треба да ги шират петте лаги за името, со кои Премиерот сака неповратно да го збудали македонскиот народ. Првата лага е дека ние баш и немаме некоја голема потреба од НАТО и ЕУ, па, заради членството во нив да правиме компромис ос Атина. Кај да е, НАТО ќе се распадне, а, богами, и Унијата е нешто пожолтена. Гарант пропаѓаат, но, полека, после Грција, која е прва на ред. Нормално, притоа никој не кажува, што ќе правиме ние до нивното распаѓање, на кое може да попричекаме и два-триесет години? Владата само гата, без да понуди реална алтернатива. Колку погодува, пак, видовме од ,пропаста, на Грците. Им бувнаа 110 милијарди евра помош на гладно срце, оти и Оли Рен се исплаши дека нивниот банкрот може за светот да биде еднакво страшен како оној на Леман Брадерс пред 2 години. Не дај Боже, ние да банкротираме, светот тешко дека би знаел дека некогаш воопшто и сме постоеле!

Второ, на народот му се сервира лагата, дека во тоа НАТО, кое, патем, е скоро злосторничка тајфа, може да влеземе и со сегашното име. Чиниш само Грција се противи, а не цела Алијанса, сосе ЕУ, кои едногласно го изгласаа договорот со Атина, како услов за наше натамошно движење кон стратешките цели. Значи, народот треба да се држи во заблуда, дека останатите се со нас, па треба да се причека на сонот на Милошоски, раководната палка со ЕУ да ја земе некоја ,малку попријателска, земја!

Следствено на втората, ете ја и третата лага. Треба, значи, да се издржи, оти времето работи за нас. Меѓувремено, не е лошо земјата да се дупчи што повеќе. Треба да се верува, дека во секој миг може од неа да изникне некој епохален артефакт, кој автоматски ќе ни ги отвори сите порти, па и бриселските. Тогаш нема да ни треба ни двојната формула. За тоа време, впрочем, вежбал и Ѓорге Иванов. Молчеше, молчеше, чиниш мачка јазик му изела, кога – оп, ете го озарен како Балтазар. Луѓе, тој има решение. Нема веќе име по желба на Грција ни за билатералните односи. Охи, и таа, мајчината, најпосле треба да го призане постоењето на Република Македонија. Како ли сите бевме толкави слепци, кога решението ни било пред очи!?

Штом е така, тогаш Американците сигурно само не плашат, кога преку Рикер велат дека иднината ни е во прашање, доколку брзо не се договориме за името. Какво пропаѓање, кога тука се Русија и Кина, а за Турција муабет да не правиме. Тоа е четвртата лага, која заборава на фактот дека и Русија и Кина не признаа под уставното име, но, со напомена дека ќе го прифатат она што ќе го решиме со Атина. Оваа лага е мошне битна, за на народот да му ја сокрие горчливата вистина, дека нашата власт не успеа да создаде ниту еден моќен пријател од било која страна на светот, кој во спорот за името непоколебливо би стоел зад нашата кауза!

И, конечно, најопасната лага, дека со било каква додавка во името на државата се губи нашиот национален идентитет. Намерно се прави збрка меѓу државната и националната припадност, за народот денес да не сака компромис ниту при цврсти гаранции за јазикот и нацијата. Народот треба да заборави, дека сме биле Македонци, кои говореле македонски и во Југославија, кога само по државјанство бевме Југословени, во државата што немаше ниту М во нејзиното име!

Што да се каже сега, кога се знае жестокоста на пропагандата, со која власта ги шири овие клучни лаги за нашето име веќе трета година? Дали сте разочарани од анкетата на Дневник? Јас не сум. Груевци сепак не успеале комплетно да ни го поматат умот. Малку ме чуди тоа што младите до 29 години се многу позрели од оние над 65, но, изгледа само за вториве треба да си ја земе платата ,патриотот, Митре, сосе брмчаливото му друштво. Пази, богати, откако јуначки ги одмолчале сите неправди во животот, тие допрва, пред самиот крај решиле да покажуваат мускули, и тоа баш за името!?

Токму така, постарите од 65-та се родени пред 1945 година. За војната биле премлади, а за ,социјализмот со човечки лик, си биле како порачани. Значи, како бунтовничка ни се пројавува генерацијата, заради која и во СФРЈ не сметаа за темен вилает на молчаливи луѓе, кои климаат со главата на секоја глупост, доколку таа доаѓа ,од горе,. Заклучно со транзицијата, која си ја голтнаа како попчиња. Затоа, не тревожете се. Тоа мнозинство си останало исто. Некритички верува во божемниот патриотизам и на сегашната власт. Од пуста навика!

Поврзани новости