400+…

by fokus

Пишува: Владимир Лазаревик

На почетокот на април, кога корона кризата започна да се засилува беа разработени две можни сценарија (оптимистичко и песимистичко) за тоа колкава може да биде очекуваната смртност од Ковид 19 кај нас.

Оптимистичкото сценарио беше разработено врз основа на податоците кои до тој момент се појавуваа кај нас, а во почетокот нашите бројки беа реалативно ниски. За разлика од оптимистичкото сценарио, песимистичката верзија беше изработена преку екстраполација на податоци од САД каде на самиот почеток на кризата беше изјавено дека очекуваната смртност ќе се движи од 100-240.000 граѓани. Врз основа на тие податоци проценките беа дека доколку се пресликаат проекциите од САД прилагодени на возрасната структура во Македонија до крајот на летото ќе починат помеѓу 400 – 1.200 граѓани.

Додека тие бројки во март месец изгледаа неверојатно високи како за САД, така и за кај нас, бројката од 100.000 жртви во САД беше надмината кон крајот на месец мај, додека пак прагот од 400 жртви во Македонија се помина вчера. Со тоа ние и официјално влеговме во проекциите за смртноста кои првично беа разработени за САД или со дргуи зборови и покрај иницијалните рестриктивни мерки денес длабоко заглибуваме во песимистичкото сценарио со очекување дека смртноста во наредниот период дополнително ќе расте.

Додека речиси сите држави уште од самиот почеток на кризата настојува да направат некакви проекции и да ги проценат последиците од влијанието на корона вирусот, се чини дека во Македонија освен посочената анализа не се појави ниту еден друг податок или пак насока за тоа какви може да бидат последиците. Кај нас проекциите се сведуваат на соопштување на податоците на дневна основа, колку починале, колку за заразиле. Па колку кластери  биле, колку фамилии.

Иако се докажа дека таквиот пристап не може да даде било каков резултат, освен што психолошки го оптеретува населението, нашите си тераат. Наместо да се тера во празно, потребно е да се направат повеќе сценарија и државата и граѓаните да се подготват за реакција согласно развојот на ситуацијата до најблиското сценарио. Сега е повеќе од јасно дека ние, како и многу други држави се движиме кон песимистичките проекции и треба да бидеме подготвени за тоа, дека бројот на жртви ќе расте.

Изминатите шест месеци му покажаа на светот колку е меѓусебно поврзан и неспремен да се одбрани од јавно здравствени закани во форма на вируси. Почетното затворање на државите кое имаше за цел да постигне купување на време додека да се пронајде лекот се чини дека не ги даде посакуваните резултати. Како што земјите ги релаксираат мерките, така се зголемува ризикот и бројот на случаи. И тоа е речиси идентично пресликано насекаде.

Доволно е да го погледнеме нашиот регион. Мерките започнаа да се релаксираат кон крајот на мај, се преклопија со верските празници, и нормално потребата насилно да се нормализира ситуацијата со цел да се спроведат толку посакуваните избори, и клопчето на вирусот почна да се отмотува. Ќе се потсетиме дека карантинот и затворањето на земјата започна кога имавме по 20-30 случаи, за да денес кога имаме по 200 веќе се е демек нормално.

Речиси идентична е ситуацијата насекаде околку нас. Прво силни рестрикции во услови на мала епидемија, за да после се премине во релаксирани мерки со засилена епидемија (Србија, Бугарија). Ваквите контрадикторни јавно здравствени политики станаа клучна карактеристика на глобалната корона пандемија. Никому веќе не му е јасно што се случува. Но станува јасно дека државите економски нема да можат да издржат да бидат затворени, а последиците од иницијалното затворање допрва ќе се почуствуваат. Клучното прашање кое ќе бара многу одговори ќе биде дали иницијалните СЗО промовирани рестриктивни мерки беа неопходни? Дали немаше друго решение со оглед на фактот дека денес и факички живееме во услови на зголемен ризик и покачена смртност? Дали немаше да биде попаметно да се направи баланс помеѓу потребите на економијата, и да се воведат идентичните превентивни мерки кои важат и денес.

Кон крајот на мај во угледниот медицински журнал Лансет, беше објавена реакција во која беше укажано дека смртноста од ковид 19 ќе биде речиси рамномерно распределена независно од спроведените рестриктивни мерки. Со други зборови, вкупниот бројот на починати како директна последица од корона вирусот ќе биде горе- доле идентичен низ државите. Разликата ќе биде дали тоа ќе се случи порано или подоцна. И тоа ќе биде така се додека не се најде лекот, вакцината. Она по што ќе се разликуваат државите ќе бидат справувањето со сите останати „невидливи„ последици кои кај нас не се ни спомнуваат. Еден од приоритетните проблеми за кој веќе треба да има јавно достапни сценарија е што ќе се случи со училиштата од септември, уште ли ќе ги држиме децата затворени по дома? До кога?

 

Поврзани новости