Видливите и невидливите последици од справувањето со Ковид 19

by Fokus

Околу 8 милиони луѓе годишно умираат како последица на глад. Годишно, околу 500 000 деца го губат видот како резултат на недостаток на витамин А. Од нив половина не успеваат да преживеат до својата прва година. Кога ќе се соочиме само со овие бројки, дали изгледа нормално ова што денес се случува со Корона вирусот?

Пишува Владимир ЛАЗАРЕВИК

Изминатите месеци светот сведочи еден невиден глобален одговор на последната пандемија предизвикана од Ковид 19, вирус кој предизвикува тешка респираторна болест кај осетливите категории граѓани.

Официјалното објавување за пандемија од страна на СЗО на 11 март, резултираше со неверојатни драконски мерки спроведени од страна на многу држави чија, пак, последица директно се оддразува на невиден економски пад, загуба на милиони работни места, туристи и патници заглавени помеѓу границите, на бродовите, во далечни држави.

Додека илјадници луѓе се директно инфицирани од вирусот, милјарди луѓе се индиректно погодели од превентивните мерки кои се спроведуваат.

Според она што може да се прочита, се чини дека неспоредливо е помал бројот на експерти кои се трудат да ги проценат негативните импликации од справувањето со пандемијата врз останати здравствени проблеми, како на пример влијанието на осаменоста врз менталното здравје (помеѓу останатите) кои се очекува да се појават како резултат на одговорот кон оваа пандемија.

ВЛИЈАНИЕТО НА ПОЛИТИКАТА ВО ОВАА КРИЗА

Колкав е бројот на луѓе кои како резултат на самоизолацијата немаат соодветна подршка? Само во 2016 година со проблеми поврзани со менталното здравје околу 1 милијарда луѓе биле засегнати, што резултира во речиси 7 отсто од глобалниот товар на болестите (товарот на болестите е индекс преку кој се пресметува процентуалното учество на одредени здравствени проблеми во однос на сите останти здравствени проблеми).

Како последица на спроведените мерки е за очекување дека драматично ќе се зголемат проблемите поврзани со менталното здравје во наредните месеци и години.

Колкав е бројот на луѓе кои ќе останат без работа? За колку ќе се зголеми бројот на тие кои ќе гладуваат како резултат на кризата? Неодамна претседателот на Пакистан, г-ин Имран Кан, изјави дека затворањето на градовите во Пакистан практично додека ќе ги заштити од корона, ќе ги остави граѓаните да умрат од глад.

Додека го пишувам овој текст, вкупниот број на жртви поврзани со корона е под 30 000. Колку за споредба, само во САД сезонскиот грип предизвикува околу 50 милиони случаи, и до 60 000 смртни случи согласно податоците од Центарот за Контрола на Болестите.

Од друга страна, пак, според податоците од Обединетите Нации околу 8 милиони луѓе годишно умираат како последица на глад и причини поврзани со глад. Со други зборови, тоа значи дека околу 22 000 луѓе во просек умираат на дневна основа поради гладување.

Годишно, околу 500 000 деца го губат видот како резултат на недостаток на Витамин А. Од нив половина не успеваат да преживеат до својата прва година. Кога ќе се соочиме само со овие бројки, дали изгледа нормално ова што денес се случува со Корона вирусот?

Се чини дека „невидливите„ причини за смртност се невидиливи и за светот, тие луѓе се безгласни да ги споделат своите страдања. Дефинитивно неспоредливо со короната, која резултира со глобално медиумско покритие 24 часа 7 дена неделно и каде политичарите се докажуваат кој повеќе ќе ги ограничи правата во име на здравјето на народот. Никогаш политиката немала толкаво влијание врз обичниот граѓанин како во услови на оваа криза.

ЕФЕКТИ ВРЗ МЕНТАЛНОТО ЗДРАВЈЕ

Во наредните недели и месеци многу прашања ќе се отворат насекаде во светот, а, се разбира, и кај нас. Дали е ова соодветниот одговор на оваа пандемија? Која ќе биде цената која ќе ја понесат државите и граѓаните од оваа криза? Дали глобалното заклучување на светот и седењето дома за сите е соодветен одговор?

Немаше ли да биде подобро да се насочат овие ригорозни мерки само кон високо ризичните категории, додека другите работоспособни граѓани да продолжат со функционирање и работа под посебен режим? Дали можеби нема да создадеме поголем „невидлив„ проблем отколку решението на сегашниот „видлив„?

Кој ќе ги плати овие трошоци? Какви ќе бидат директните и индиректните ефекти врз менталното здравје на милиони луѓе низ светот? Зошто соодветно не реагира светот и на други ризици по здравјето, како што е гладувањето?

Мојот одговор на дел од овие прашања е дека повеќето од јавно здравствените проблеми се невидливи за светот. Луѓето не ги гледаат оние кои умираат од глад. Гладувањето не е заразно и не се пренесува. Но денеска секој поединечно е засегнат. Тоа ја прави клучната разлика помеѓу невидливите и видливите јавно здравствени проблеми.

Оваа пандемија му покажува на светот колку сме неподготвени да се справиме со релативно познати јавно здравствени проблеми кои во различни форми и интензит се случувале во минатото. Државите низ светот одвојуваат околу 10 отсто од Бруто Домашниот Производ за финансирање на здравството.

Македонија одвојува околу 6-7 отсто. Но, ако навлеземе подлабоко и видиме колку од парите за здравството се одвојуваат за јавното здравје податоците ќе  бидат поразителни.

Ковид 19 пандемијата ја покажува кршливоста на светот и колку поврзани и осетливи се сите економии на јавно здравствените закани. Секојдневно ни покажува дека правиме нешто што е суштински погрешно.

Нашиот глобален пропуст да инвестираме навремено во јавното здравје и да спроведеме правичност на начинот како ги третираме останатите јавно здравствените проблеми одзема милиони животи секоја година. Оваа криза ни покажува дека е време да ги промениме приоритетите, и начините на кои ги одвојуваме и насочуваме нашите пари за јавното здравје.

 

 

 

Поврзани новости