74-годишната баба без правосилна пресуда била однесена во „Идризово“, директорот на затворот бара веднаш да излезе на слобода

by fokus

Старицата на возраст од 74 години, за која „Фокус“ синоќа објави дека била однесена во затворот „Идризово“, каде што треба да одлежи една година затвор за наводно „гледање на кафе“, се уште се наоѓа за решетки, ни потврди директорот на затворот Живко Пејковски.

„Фокус“ синоќа повикувајќи се на извори од женското одделение во затворот објави дека бабата има 88-години, но сега директорот ни посочи дека е на возраст од 74 години и најверојатно е од Гевгелија, а не од Битола.

Тој појаснува дека се прават напори што побрзо старицата да биде ослободена, бидејќи била однесена во затворот без да има правосилна пресуда.

-Госпоѓата за која прашувате е во затворот, но уште веднаш ќе испратиме допис до Oсновниот суд во Гевгелија да ја повторат постапката зошто таа е донесена тука без да има правосилна пресуда, истакнува за „Фокус“ директорот Пејковски.

Тој додава дека бабичката е добра, со оглед на нејзината возраст, но истакнува дека не е за во затвор.

Надлежните во Основниот суд Гевгелија треба да одговорат зошто без правосилна пресуда побарале од полицијата бабичката Д.Р. да биде спроведена на издржување на казната? Згор на се, неа и било судено и во отсуство.

Инаку Д.Р. полицијата ја пронашла во Битола, по што била однесена во скопскиот затвор.

Валентина Вурмо

Поврзани новости