Премиерот Зоран Заев денеска истакна дека Законот за дивоградбите се враќа во Собрание, бидејќи како што рече, во спротивно ќе требало да се срушат околу 50.000 објекти на граѓаните. За случајот со Стевчо Јакимовски, пак, премиерот истакна дека не може сите да легализираат, а некои кривично да одговарат. Односно ова значи дека и тој може да ја продолжи постапката за легализација кога се носат вакви одлуки.
-Затоа дојде до вакво решение за продолжување на легализацијата со 50 посто повеќе за плаќање, но пред се доминантно заради заштита на домовите, куќите и живеалиштата на посиромашните граѓани. Кога се носи ваква одлука, да се даде шанса тие преку 50.000 објекти да се легализираат, тогаш не можете тие претходните кривично да ги гоните. Не е уставно. Ако алудирате на Јакимовски, тој има три кривични дела колку што знам, прочитав од ЈО. Двете кривични пријави немаат врска со легализацијата, а во едната кривична пријава има повеќе од три обвиненија, од кои едното е само за легализација на објект. Така да, дефинитивно кога предлагате како институции ги гледате соодветно поставено. Не може сите да легализираат, а некои кривично да одговарат. И тој може да ја продолжи постапката за легализација кога носите вакви одлуки, рече Заев.
Во однос на парцелата кај Холидеј ин, премиерот подвлече дека законите мора да се почитуваат.
-Во нашата земја има закони и тие треба да се почитуваат. Не може државата кога сака и како сака да ги менува законите, зашто правото на купување на одредено градежно земјиште, правото на добивање или одбивање одобрение за градба е согласно законите. Она што е нејасно во јавноста до сега, според сите мои информации, пред се министерот за транспорт врски, градот Скопје и Општина Центар се водат од одлуката дека „флеката“ што е поставена на урбанистичкиот план е причина за загрозување, односно за негативен став кон идните градби. Ако во одреден урбанистички план имате определено темна боја која во урбанизмот се вика флека на градење, внатре таа не се користи целосно. Може да го видите детално предлогот за добивање одобрение за градба, гледате дека под 50 отсто на целата површина за градење е дозволена за градење, рече премиерот.
Според него, веќе не е дозволиво паркинг да се решава надвор од парцелата и неприфатливо е да се прават монтжни пакринзи.
-Самото по себе тоа е ограничувачки фкатор. Истовремено, во Законот за просторно и урбанистичко планирање се воведени критериуми и параметри за најмалку зелени површини. Ако имате површина од 12.000 квадрата, а 6 000 квадрати се зелени површини или паркинг простор, тоа апсолутно е дослухот на граѓаните за стоп на мегаламанството при градба и урбаното насилство. Знаете дека таму беа предвидени 60 катници, тие се намалени на 22, 21 кат, рече Заев.