Стотина затвореници биле спречени да гласаат, ги нема во Избирачкиот список

by fokus

Наместо да гласа и да го оствари избирачкото право, затвореник од Идризово бил однесен во избирачкото место и вратен назад во ќелија. Го немало во списокот и  вели дека традицијата да биде спречен да го даде својот глас продолжила и на овие избори, објави ТВ 24.

Во слична ситуација денеска се нашле стотици затвореници од истиот затвор, сведочи за ТВ 24 затвореникот кој успеал телефонски да ги контактира.

„70 отсто од затворениците немаат гласано, ги нема на списоците. Се побунивме, побаравме, нема на кого да се буниш. Во сите изборни процеси на избирачките списоци нема многу затвореници“, вели затвореник за ТВ 24.

Според овој затвореник најголем проблем имаат осудениците на доживотен затвор кои никогаш не ги нашле нивните имиња на избирачки список.

Дека околу 400 затвореници во казнено поправната установа во Идризово не може да гласаат знае и директорот на Управата за извршување санкции.

„Запознаени сме со овој проблем, но бројката не е толкава. Наредната недела ќе извршиме увид во избирачиот список за да го решиме овој проблем. Најголемиот проблем се прави поради протокот на затвореници, бидејќи едни излегуваат, а други влегуваат, но има и такви кои се осудени подолг период, а ги нема во избирачкиот список. Како што реков, бројката не е толку голема, во Избирачкиот список нема 35%-40% од затворениците“, вели директорот на Управата за санкции, Јовица Стојановиќ.

 

Поврзани новости