Движењето БЕСА, синоќа во новоотврениот предизборен штаб на гостиварскиот огранок, официјално ги претстави кандидатот за градоначалник, носителот на листа и дел од програмата за локалните избори.
Кандидат за градоначалник е Асаф Адеми, а носител на листата за членови на Советот на општина Гостивар е Арафат Шабани.
Во обраќањето пред сопартијците и претставниците на медиумите, Адеми нагласи дека ќе водат позитивна кампања, без навреди и, како што рече, нема да се занимаваат со политичките конкуренти. Притоа ги најави приоритетите од предизборната програма.
– Нашиот фокус ќе биде на отворање нови работни места, на подобрување на условите во училиштата кои се во катастрофална состојба. Планираме инвестиции во инфраструктурата и отворање голем и модерен спортски центар. Предвидовме изградба на пречистителна станица за отпадни води и гасификација на градот, за што веќе стапивме во контакт со релевантна компанија, рече кандидатот за градоначалник Адеми.