Во 17 часот е најавен протест пред Влада за случајот Мартин Нешкоски

by Фокус

Откако денеска лидерот на СДСМ, Зоран Заев, ја објави бомбата за случајот Мартин Нешкоски, односно од снимките се слушна дека обвинетиот за убиството Игор Спасов, за време на несреќата бил на службена должност и му бил обезбедување на премиерот, а не бил на прославата на ВМРО-ДПМНЕ приватно, како што утврди судот, неговиот брат Александар Нешкоски, за „Фокус“ истакна дека револтот и незадоволството ќе го искажат пред Владата.

-Во 17 часот ќе протестираме пред Владата. Ние како семејство ќе излеземе на улица, а ги повикуваме и останатите граѓани да ни се приклучат, бидејќи бевме изманипулирани и излажани. Цело време тврдевме дека Спасов таа ноќ бил на службена должност и затоа баравме командна одговорност, а сега истото со снимките се потврди. Против ваквите неправди ќе се бориме на улица, бидејќи видовме како случајот заврши во институциите, вели Нешкоски.

Александар ни посочи дека во моментот е збунет и затекнат, но најави дека наредните денови ќе размислат како овој случај повторно да влезе во судница, и таму да се открие целата вистина.

Тој и на фејсбук страницата „Правда за Мартин Нешкоски“, објави повик до јавноста:

„Протест пред Влада во 17 часот. Убијците, лопови, на власт заедно со голем дел од институциите во Македонија мора да одговараат за крволочните злодела. Едно од монструозните убиства е и убиството на Мартин Нешкоски… Го повикувам целиот народ, без разлика на нација и вера, да излезе за заедно да ги натераме институциите да профункционираат. Затоа што не се знае кој е следен!, стои во повикот на Александар објавен на Фејсбук.

 

Поврзани новости