Во Врховниот суд денеска во 11 часот ќе почне јавната седница за случајот „Монструм“, на која и покрај очекувањата на јавноста нема да присуствува Специјалното јавно обвинителство (СЈО), бидејќи овој предмет не е во нивна надлежност. СЈО сепак ја информираше јавноста дека отвориле предистражна постапка, поткрепувајќи ја со разговорите во „бомбите“. Но, како што неофицијално дознаваме засега не наишле на податоци кои вртоглаво би ја смениле ситуацијата околку крвав настан што се случи на Велики четврток во 2012 година.
Очекувањата од оваа седница се големи, бидејќи родителите бараат вистината да се открие до крај, односно тие веруваат дека извршителите се зад решетки, но го бараат името на нарачателот на велигденскиот масакар и на останатите вмешани кои се извалкани со крвта на нивните деца. Одбраната пак бара друга вистина, односно тврди дека осудените не се виновни.
Апелацискиот суд минатата година во декември ја потврди првостепената пресуда на Кривичниот суд во Скопје.
Со пресудата од 30 јуни 2014 година, на доживотна казна затвор за тероризам беа осудени Алил Демири, Африм Исмаиловиќ, Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Хаки Азири и Сами Љута. Единствено петтообвинетиот, Сејди Рами, доби ослободителна пресуда бидејќи Судот не пронашол цврсти докази што посочуваат на негова инволвираност во настанот. Алил Демири и Африм Исмаиловиќ сè уште не се екстрадирани од Косово, каде што се на слобода.
Првостепената пресуда ја потврди и Апелациониот суд.
Цветанчо Ацевски, Кире Тричковски, Александар Наќевски, Филип Славковски и Борче Стевковски беа убиени, пред точно пет години, на 12 април 2012 година, на Велики четврток, додека ловеа риба кај Смиљковското Езеро. Според Обвинителството, мотивот за свирепото убиство е предизвикување чувство на страв и несигурност кај македонското население.
В.В.