Бесни моторџии вклучуваат аларми во Неготино, полицијата не реагира

by fokus

Бесни моторџии кои секојдневно си прават трки низ улиците на Неготино, вчера со својата бука и пукањето од ауспусите успеаја да ги вклучат алармите во просториите на поранешна Халк Банка, каде што е сместен архивот на истата.

Брзото возење низ главната улица се случуваше во попладневните часови, во време кога учениците од пониските одделенија се враќаат од училиште, и станува редовна практика на моторџиите веднаш штом се запролети.

И додека изнервираните минувачи прашуваа каде е полицијата, моторџиите и покрај пиштењето на алармите, си продолжија со пребрзото возење. Ова не е прв пат алармите да се вклучат од пребрзо возење и големата бука од моторите.

Полицијата, пред чии простории минуваат учесниците во дневните и ноќни трки, не реагира.

Граѓаните се револтирани од брзото возење низ центарот на градот, по главната улица ,,Маршал Тито”, но и поради навиката моторџии да возат низ градскиот плоштад, место наменето за шетање, каде што играат деца.

,Иста слика секој ден, посебно навечер. Доаѓаат со мотори, не им се оди пеш до кафулињата или продавниците на плоштадот, па си возат низ целиот плоштад и се паркираат веднаш до својата дестинација. Тоа што на плоштадот играат мали деца, шетаат пензионери – никого не го интересира. Полицијата со години наназад не презема ништо” – велат неготинчани кои често шетаат на градскиот плоштад во пладневните часови.

И станари во центарот на градот, но и во зградите покрај градскиот музеј имаат проблем со моторџиите. Велат дека навечер се организираат бучни трки по главната улица, но и во детското игралиште веднаш до музејот.

,,Пријавуваме во полиција, но нема ефект. Моторџиите ќе си заминат, а веќе наредниот ден пак се тука” – велат тие.

Пред неколку години, на иницијатива на родители од ООУ Страшо Пинџур, до Општина Неготино беше доставено барање за поставување на легнати полицајци на улицата ,,Маршал Тито” наспроти училиштето, токму поради пребрзото возење. Сепак, полицајците никогаш не ,,легнаа” на оваа прометна улица, па родителите се принудени да ги носат и пречекуваат своите деца од училиште.

,,Пред околу шест – седум години, се поставија легнати полицајци на улицата ,,Партизанска” веднаш до училиштето. Од пребрзо возење, тие се веќе оштетени и искршени. Потребно е поставување на истите и на спротивната улица ,,Маршал Тито” на која што има голема раздвиженост и бргу се вози. Поранешната директорка на училиштето Сузана Андонова се заангажира околу овој проблем, но беше сменета од работната позиција, и работата остана недовршена, а никој друг не покрена иницијатива” – реагираат родители на ученици.

Покрај трките со мотори, актуелни се и трките со автомобили, и досега за поголемиот број на сообраќајни незгоди во градот, главна причина било пребрзото возење.

Вики Клинчарова

Поврзани новости