Противправното прислушување е креација на Петтата управа на МВР. Тоа е проект започнат во 2007 година и во кој се инволвирани најголемиот дел од Управата, истакна Зоран Верушевски, на денешната јавна расправа во Основниот суд Скопје 1, каде што се расправаше за основаноста на обвинителниот акт за случајот „Пуч“, во кој обвинет е и лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
-Сум остварил околу 20 комнуникации со вработени во Управата за кои се надевам дека ќе бидат сведоци за состојбата во која биле седум години, истакна Верушевски.
Тој истакна дека Македонија за прв пат не се соочува со нелегално прислушување извршено од професионалниот состав на Паттата управа, но според него, во истрагата обвинителот не сакал да направи компарација со состојбата од 2001 година, кога беше откриена иста ваква афера.
Верушевски додаде и дека обвинителството не понудило ниту еден доказ со кој би се потврдило дека тој тајно се среќавал со Зоран Заев и дека наводно ковале шпионски заговор против државата. Напротив истакна, дека како висок функционер во СДСМ, од 2010 година, јавно се среќавал со Заев и тоа или во неговиот дом или во општинската зграда во Струмица и тоа секогаш околу 12 часот.
-Обвинителниот акт е преамбициозна креација со товарот на обвиненија, и премногу сиромашна со докази. Невозможно е да се користи тој систем противправно цели пет години. Шпионажата нема амбиција да создава паралелни системи за прислушување во самиот систем, туку да обезбедува содржини од витален интерес, истакна Верушевски, кои исто така изрази чудење како е можно во обвинението да нема ниту една страница од резултатите од истрагата која самостојно ја спроведоа мобилните оператори.