Осумнина од демонстрантите, меѓу кои и пет студенти, кои беа обвинети за насилство на протестот што се случи на 5 мај пред владата, денеска во Основниот суд Скопје 1 беа осудени на условна казна од три месеци затвор, која нема да се изврши доколку во рок од една година не сторат ново кривично дело.
Еден од обвинетите – Горан Митаноски, кој е во роднинска врска со семејството на Мартин Нешковски, е осуден на 10 месеци ефективен затвор, бидејќи, според судот, во моментот против него се водела уште една кривична постапка за учество во насилни протести.
Според судијката Лидија Петровска изречените казни воспитно ќе влијаат врз осудените, бидејќи и тие самите дадоа ветување пред судот дека во иднина нема да го повторат кривичното дело или да имаат било каков судир со законот. На обвинетите им се судеше за кривичното дело Учество во толпа што ќе спречи службено лице во остварување на службената должност, што наводно го сториле на протестот организиран поради прикривање на детали за убиството на Мартин Нешкоски.
Поради висината на казните, во моментов се укинува приворот за оние обвинети кои беа во истражниот затвор – Скопје.