588
Средношколците од денеска ќе спијат под отворено небо и ќе кампуваат пред Министерството за образование и наука. Со 24 часовно присуство, пред зградата на МОН, ќе чекаат министерот Абдилаќим Адеми да ги повика на разговор.
Средношколците најавуваат дека бојкотот во училиштата продолжува, со тоа што учениците ќе ја бојкотираат наставата, а по завршувањето на часовите ќе се приклучат на кампот.
Утринава поставувањето на кампот во Паркот на новинарите, спроти МОН, беше спречено од полицијата, односно на средношколците им беше побарана дозвола. Во моментов учениците кои се во паркот ги чекаат претставниците на Средношколскиот пленум да се вратат од МВР со дозвола за протест, по што ќе почне поставувањето на кампот.
Од средношколскиот пленум велат дека немаат намера да ги прекинат ваквите активности се додека не се случи средбата и покрај тоа што законски уште две недели бојкот може да значи бркање од училиштата. Тие засега не отстапуваат од барањата за враќање на стариот концепт на полагање државна матура, законот за екстерното тестирање да биде ставен во мирување и електронското полагање на државна матура да се укине.