Сопругот на Гордана Јанкулоска за ,,Фокус”: Да знаете, со вака „темелни“ обвиненија и пресуди, утре секој може да биде осуден!

by fokus 14:06
14:06

Гордана Јанкулоска ќе оди во затвор за случајот ,,Тенк” е вест која е актуелна денес во земјава, откако Врховниот суд на Република Северна Македонија информираше дека е одбиено нејзиното барање за вонредно преиспитување на пресудата за случајот.

Таа првично беше осудена на шест години затворска казна, а потоа Апелација и ја намали на четири години.

- Advertising -

Пред околу две години, во ноември 2018 година, кога Никола Груевски, кој исто беше осуден на затворска казна поради набавката на Мерцедесот, побегна од земјава, пред да влезе во затвор, сопругот на Јанкулоска, Влатко Илиевски, за ,,Фокус” изјави дека таа не ни помислува да бега од земјава, бидејќи синот Петар и е единствена смисла во животот и никогаш не би го оставила.

-Најпрвин сакам да кажам дека Гордана не е виновна за делата за кои се терети, обвиненијата се апсурдни, неаргументирани, и резултат на една хистерија која подолго време се води против неа. Убедени сме дека правдата ќе излезе на виделина, сеедно дали тоа ќе биде од страна на македонските судови или од судот од Стразбург- ни изјави тогаш сопругот на поранешната министерка за внатрешни работи.

Денес, по објавата на веста дека Јанкулоска ќе треба да оди во затвор, се обидовме да го дознаеме нејзиниот став по повод случувањата.
Од неа не добивме одговор, но на прашањето дали за нив како семејство е иритирачки што нарачателот, односно Никола Груевски живее како слободен човек во Будимпешта, додека извршителите во случајов, Јанкулоска и Ѓоко Поповски, се соочени со затворска казна, нејзиниот сопруг Илиевски вели дека новинарите не заслужуваат одговор, бидејќи цели десет години учествувале во медиумскиот линч врз Гордана.

-Искрено да ви кажам, дека не заслужувате генерално како новинари било какви коментари, затоа што за сите изминати години некритички го покривате работењето на правосудните власти. Со умисла или небрежност учествувавте во медиумскиот линч кон Гордана кој трае без прекин десет години, и со тоа сте помагатели на злосторничкото здружение кое ги нарача и изврши пресудите.
Дури и ова прашање што ми го поставувате е со цел да се поттикнат судири и меѓусебни обвинувања помеѓу осудените, наместо да се запрашате дали постои кривично дело, дали за некој е застарено делото и која е позадината на целиот прогон. Многу сте површни – ни порача сопругот на Јанкулоска.

Околу тоа дали таа евентуално ќе излезе во јавност и ќе појасни која е позадината, на како што вели Илиевски, прогонот врз неа, тој е категоричен.

-Немам што да додадам! Треба само да знаете дека со вака темелни обвиненија и пресуди утре секој може да биде осуден. Тргнете од себе, ако не повеќе – изјави Илиевски за ,,Фокус”.

Вики Клинчарова

Поврзани новости