СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ заедно ќе го бираат директорот на ОТА, агенцијата која го презема прислушувањето

by fokus

Повеќе нема да се повтори аферата со нелегалното масовно прислушување, уверуваат министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и директорот на УБК, Горан Николовски. Тие денеска на брифинг со новинарите појаснија на кој начин, од 1 ноември 2018 година, ќе се одвива следењето на комуникациите.

Во иднина центарот на прислушување нема да биде УБК, туку, ќе се формира Оперативно-техничка агенција (ОТА), која ќе има директор, заменик-директор и вработени, пред се од информатичкиот сектор, но и технички персонал. Министерот истакна дека се уште не може да прецизира колкав ќе биде бројот на вработени и буџетот на ова агенција, но истакна дека во секој случај таа ќе се наоѓа надвор од просториите на УБК, што е и едно од барањата на Прибе. Директорот ќе се избира со двотретинско мнозинство во Собранието, а кандидатите за оваа позиција, како и за останатите работни места ќе конкурираат на оглас.

Првиот човек на УБК, Горан Николовски, појаснува дека овој модел за следење на комуникациите е превземен од Хрватска, која пак го превземала од Велика Британија.

Како што појасни министерот Спасовски, откако МВР ќе добие налог од судот за да одредено лице се прислушува, ја известува ОТА, која пристапува до мобилните оператори, и прислушувањето започнува. Потоа, МВР, од операторите го добива прислушуваниот разговор. На овој начин според МВР ќе се врши контрола меѓу институциите и ќе се оневозможи нелегалното прислушување.

Поточно, ќе постои посебен систем и ОТА нема да може да ги слуша разговорите, туку агенцијата ќе биде медијатор меѓу барателот на пример МВР и лицето кое се следи, но нема да е и корисник на тој материјал. Следењето ќе се спроведува по издадени наредби со телефонски број, но без да зне на кого му припаѓа бројот.

Исто така ќе има дополнителна, надворешна контрола на спроведувањето на мерките за следење на комуникациите, и ќе ја вршат Собранието, Советот за граѓанска контрола, кој допрва ќе се формира, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, Дирекцијата за заштита на лични податоци и Народниот правобранител.

-Наша цел е да ја вратиме довербата со транспарентно работење, со што ќе и дозволиме на јавноста да не контролира, истакна министерот Спасовски.

Додека да се формира новата агенција ОТА, прислушувањето ќе продолжи да се врши на стариот начин, во УБК, но министерсот уверува дека веќе нема злоупотреби, бидејќи ја засилиле внатрешната контрола.

Валентина Вурмо

 

Поврзани новости