Пишува: Владо Димовски
Мислевме, верувавме, се надевавме дека барем малку ќе не почитувате како интелектуалци рамни на дел од вас а од некои и поинтелектуалци. Во ниеден миг не помисливме дека ќе не понижите до таа мера што преку нас ќе го урнисате нашиот авторитет кој сеуште го имаме како учители кои ги учат (не ги приучуваат) младите ученици на сите добри и цивилизациски манири, на сите добрина на овој свет и што е најважно ни ја урнисавте вољата и желбите да им дадеме знаење со кое можеби еден ден нас ќе не наследат а секако и вас во некоја Претседателска или министерска фотеља.
Не го слушнавте гласот на просветните работници. Не го слушнавте гласот ниту на оние кои го плаќаат раководството на СОНК-овците. Не се слушаше ни гласот на раководството на СОНК-овците, но за нив нас ни е многу јасно, немаа а и сега немаат што да ви кажат- толку знаат. Не не слушате ни нас интелектуалците. Се плашите ли од нас?
Тешки сме ние за преговори, учени сме и знаеме многу. Полесно на министерот му беше со СОНК-овците, кои по потреба се пола риба пола девојка, по потреба се неми ко риби, по потреба се фарбаат со нијанса на боја која ќе им ја кажете.
Ви пропадна и овој обид да го подобрите образованието и да започнете да го вадите од калта во која го закопавте до гуша.
Пробајте уште еднаш, ќе причекаме но додека чекаме не седиме со скрстени раце. Ние ви направивме опсежни анализи за сите точки од нашиве барања. Не е грев да се побара помош за нешто да се поднаучи. Никој од нас не се родил учен. Ние ќе ве научиме како да го подобрите образованието дури и за вас и вашите деца да имаат квалитетно образование, впрочем затоа сме учители.
Затоа ни давате плата и се борите за нашите права, каква-таква-никаква но и за таа никаква ќе ви правиме анализи. За сите наши барања кои сте должни да ги разгледате ќе ви дадеме готови анализи со предлог решенија, па да поразговараме малку стручно и интелектуално. Да ви помогнеме да си најдете достоен партнер стручен и интелектуален партнер за идни позитивни и квалитетни решенија во образованието. Не се базирајте многу, многу на лошо препишаните и лошо преведените модули на образование кои ви се нудат и ги применувате и според кои ни го урнисувате авторитетот и стручноста. Ако биле добри немало да ви ги препорачаат и да ви ги дадат да ги препишувате. Никој ништо за џабе не дава ако вреди.
Тргнете ги суетите и МОН и вие од СОНК. Самобендисаноста е многу лоша особина , штетна е и по здравјето на постари години. Треба да се мисли и за старост. Ние немаме суети, не патиме од самобендисаност. Знаеме дека и од нас има поучени светски признати, затоа се потрудивме да се консултираме со поголеми стручни авторитети од образованието седнавме да ви направиме анализи и предлог решенија со кои ви нудиме помош да го извадите образованието од калта. Очигледно вие како партнери не сте се потрудиле да консултирате подобри од вас, а ги има во вашите редови во МОН и во редовите на членството на СОНК, само треба да ги надминете суетите и тие ќе ви ја завршат вашата работа.
Голема работа направивте со укинувањето на казните за наставниците, многу ни олесна. Значат парите за секој со ваква плата како нашава но многу повеќе значи пречката за напредување во наставничката кариера на младите и перспективни учители. Таа пречка ја оставивте само и дадовте продолжен рок. И тоа не е решение за оние кои и досега сакаа преку екстерното оценување да го вреднуваат својот труд од една и повеќе години работа со учениците. На секој квиз натпревар сите не успеваат да добијат и постигнат резултати па така и на квиз екстерното тестирање неможе да има добри резултати, мислиме со овој модел каков што е сега.
Ние ви нудиме модел на екстерно кој навистина ќе донесе резултати и ќе ги покаже вистинските вредности на учениците и наставниците. Ви нудиме модел на чесен и научен кариерен развој на наставниците. Ви нудиме модел на усовршување на наставниците низ академијата и многу, многу рационални и корисни решенија за подобро образование. Ќе ни го укинете дневникот оној во кој ние ги вреднуваме знаењата на учениците, а преку кој вие ги вреднувате нашите знаења и нашата работа. И тоа можеби за вас е во ред. Имавте ли во предвид дека во 24% од училиштата претежно во руралните средини нема интернет конекција ниту пак има шанси некогаш да има? Имавте ли предвид дека во 8% од училиштата претежно во руралните средини нема струја? Е сега кој дел од речениците „нема интернет„ и „нема струја„ не ви е јасен „нема„ или она другото.
Тоа едниот од партнерите СОНК убаво го знае, колку до вчера Претседателот на СОНК беше селски даскал и работеше во едно такво училиште каде сеуште нема струја, а камоли интернет.
Автоматите за интернет кои ги инсталиравте по селата (кои патем таму популарно ги викаат банкомати) за да можат бабите да сурфаат со своите најблиски во туѓина никогаш не проработија и одамна некои се во отпадите за старо железо а некои служат како објекти за селските кучиња да кренат нога за мала нужда.
Знаете ли дека бесплатните учебници на кои пред 5-6 години собиравте поени и гласови од родителите сега не се ни хартија за потпалување на искршените училишни ќумбиња. Знаете ли дека кинеските компјутери на кои исто така собиравте поени и гласови се и тие во отпадите за електронски отпад. Има уште многу ЗНАЕТЕ ЛИ? Но доста е. Знаете вие само ви одговара да се правите на Тошо бидејќи ќе треба да објасните зошто 27% од наставниците и уште можеби толку од носачите на законите незнаат да работат на компјутери па ниту сакаат да научат.
Во нашиве барања до вас сето ова погоре е анализирано и понудени се рационални решенија само треба да ги прочитате, правилно да ги разберете и да ги примените во пракса. Ние ви гарантираме дека за 2 не за 3 години нама да имате потреба да барате отстапки во оценките од екстерното и според тоа да ги вреднувате и оценувате наставниците. Ви благодариме за вниманието, се надеваме не се заморивте многу читајќи ги нашиве предлози за подобрување на образованието. Подготвени сме секогаш и во секое време да ви ги појасниме анализите и барањата ако не ви се јасни.
Со Почит,
Владо Димовски, член на Наставнички Пленум