Од Основниот суд Скопје 1 информираат дека против дадилката Т.С. осомничена за малтретирање на деветмесечно бебе од Скопје е одредена мерка притвор во траење од 30 дена.
Од Обвинителството во текот на вчерашниот ден информираа дека по поднесената кривична пријава од страна на Министерството за внатрешни работи, Сектор за внатрешни работи – Скопје, е поведена постапка против едно лице кое се сомничи дека малтретирало девет месечно дете.
„Пријавеното лице било ангажирано за чување и негување на деветмесечното дете од родителите на детето. Наместо нега, осомниченото лице врз детето применувало различни облици на малтретирање и грубо однесување. По проучување на кривичната пријава и доказите, јавниот обвинител најде дека постои основано соменение за сторено кривично дело – Запуштање и малтретирање на дете од член 201 од Кривичниот законик, за кое е запретена казна затвор од една до десет години, се вели во соопштението на Обвинителството.
Вчера речиси сите портали и телевизии во Македонија објавија вознемирувачко видео за тоа како една дадилка се однесува кон бебето што веќе 5 месеци го чувала. Таткото на бебето, откако се посомневал во однесувањето на дадилката, ја поставил камерата и го снимил насилството.