Судијата Иван Џолев најверојатно ќе поднесе жалба до Вишото јавно обвинителство, отако Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ја отфрли кривичната пријава која ја поднесе против претседателот на Кривичниот суд, Владимир Панчевски, дознава „Фокус“ од свои извори.
Меѓу другото, се очекува судијата Џолев да се жали дека не бил сослушан од обвинителството, а исто така и дека обвинителот одлучил да ја отфрли пријавата без да изврши увид во истражниот предмет, за кој Панчевски на судијата Џолев му укажувал како да постапува, за што поднесе и писмен доказ.
Од обвинителството, оправдувајќи го отфрлањето на пријавата, истакнаа дека Џолев иако во два наврати бил повикан да даде исказ, сепак не се одзвал на поканите. Според извори на „Фокус“, пак, Џолев не се појавил на распит, бидејќи не бил уредно повикан. Поточно, првиот пат поканата му била испратена и врачена лично од претседателот Панчевски, односно од осомничениот, што претставува преседан. Поканата била од денес за утре, што не му оставило простор на судијата да ја реорганизира работата, односно да ги презакаже судењата.
Откако судијата реагирал дека доставата на поканата е извршена на незаконит начин, односно требало најпрвин да му ја испратат на домашна адреса, а не на работното место, обвинителот ја исправил грешката и ја пратил поканата на домашна адреса. Но, доставата повторно не била уредна, бидејќи Џолев не бил дома, а и никој друг не бил затекнат во станот, по што поштарот во сандачето оставил непотпишано известување, што повторно е незаконски.
Од Обвинителството, пред неколку дена појаснија дека откако ја добиле пријавата веднаш оформиле предмет и прибавиле докази поврзани со утврдување на фактите и околностите наведени во пријавата.
-Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција по сеопфатно проучување на сите прибрани докази утврди дека пријавеното дело не е кривично дело за кое се гони по службена должност, по што пријавата ја отфрли, се вели во соопштението на обвинителството.
Оттаму појаснуваат дека укажувањето на Панчевски испратено до судијата Џолев, во кое му сугерира како да постапува по одреденм предмет, не е кривично дело, бидејќи не било наредба.
-Според прибавените докази, дејствието преземено од пријавениот не претставува реално или претпоставено влијание за постапување на истражниот судија распореден по истражниот предмет, бидејќи истото во себе не содржи наредба. Даденото Укажување дава насока како поефикасно и побрзо да се заврши истражен предмет согласно законот, кој многу години не бил завршен. Воедно со истото се бара од истражниот судија, да го извести Претседателот на судот за преземените активности поврзани со решавање на конкретниот предмет. Согласно законот, претседателот на судот се грижи за ажурно работење на судот, па неговите насоки биле со таа цел.Од ова неспорно произлегува дека Укажувањето е дадено со цел да се активираат можни законски услови за завршување на истрагата согласно одредбите од чл. 178 ст.2 во врска со ст.1 од Законот за кривична постапка што важел во времето на донесувањето на Укажувањето, а кое пријавениот како Претседател на судот имал право да го преземе, утврди Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, информираат од Обвинителството.
Претседателот Панчевски пак ја информираше јавноста дека му поднел контра кривична пријава на судијата Џолев за лажно пријавување на кривично дело.
В.В.