Горан Мисовски: Груевски, на 11 декември заминуваш во историјата!

by fokus

По 11 декември, Тиквешијата му го врти грбот на Груевски, а лозарите навреме ќе ги добиваат субвенциите, проблемите со  пласманот и наплатата на грозјето ќе бидат минато, порача потпретседателот на НСДП и кандидат за пратеник во четвртата изборна единица, Горан Мисовски, во рамки на коалицискиот караван кој е на средби со граѓаните од тиквешкиот регион.

На средбите со лозарите од Демир Капија, Неготино и Кавадарци, Мисовски ја истакна потребата од решавањето на проблемот со откупот на грозјето, проблем со кои лозарите од овој регион се соочуваат секоја година.

„Секоја година бербата на грозјето е проблем за лозарите од Тиквешијата. Ветените, а неисплатени субвенции, несигурниот откуп, производството на винското грозје го направи вистински кошмар за жителите на овој регион. Наместо сигурен пласман, односот на власта осигура само скапување на грoзјето на нивите. И она што ќе се откупи е неизвесно дали и кога ќе биде исплатено. Но ова ќе се промени по 11 декември, Тиквешијата му го врти грбот на Груевски, а лозарите навреме ќе ги добиваат субвенциите, пласманот и наплатата на грозјето ќе бидат минато“, порача Мисовски.

НСДП информира дека во своето обраќање во понеделникот пред присутните на митингот во Неготино, Мисовски упати порака до Груевски да ги држи рацете подалеку од гласачките кутии.

„Никола, граѓаните го креваат својот глас против твојата власт, немој ниту да помислиш повторно своите лепливи раце да ги ставаш на гласачките кутии. Народот е охрабрен и на 11 декември ќе ја одреди твојата политичка судбина, заминуваш во историјата“, рече Мисовски во Неготино.

На локалната власт во Неготино и порача да се држи понастрана од криминалните шеми на ВМРО-ДПМНЕ за спроведување на изборни нерегуларности.

„Повеќе нема толеранција за изборните кражби, притисоците и уцените. На локалните „шерифи“ на Груевски да им биде јасно, дека доколку го повторат сето она од претходните изборни циклуси кривично ќе одговараат“, рече Мисовски пред неготинчани.

Поврзани новости