Пофалби за глупоста како проект на македонската висока каста

by Fokus

Не мислам дека Бугарија и Грција се во право, но ние сево ова го овозможивме со нашата неспособност, со нашето самозалажување. Сега е време да се отрезниме и да се преиспитуваме. Затоа ни треба храброст, а не лажен патриотизам

Пишува: Хасан ЈАШАРИ

Несомнено дека македонската висока каста по 1990 година беше формирана на урнатините на комунизмот, но многу нешта од тие урнатини, за жал, заживееја повторно. Да не се зборува за грешките од минатото, значи да се навикнеме постојано да живееме во ова калливо дно, во кое сме сега. Понекогаш се добива впечаток дека транзицијата беше смрт на сè што вредеше.

Денес е тажно да се слушне премиерот на земјата како жали за младите луѓе што ја напуштаат земјата. Премиерот не е почетник. Тој во политиката е неколку децении. Но, политичката елита во Македонија не ги научи лекциите од минатото. Една елита што не се извинува за своите грешки, не е достојна да ја води земјата.

КАКО ДОЈДОВМЕ ДО ОВА БЕСПАЌЕ?

Да почнеме со партијата ВМРО ДПМНЕ, која од почеток, од 1991 година игра на картата на морбидни слогани за Албанците. Дали некој мудар човек во оваа партија отворено сè уште прифаќа популистички и штетни слогани како „До година до Солун“, „Солун е наш“,  „Пирин планина“ и друго?

Дали ние жалиме за тоа дека овие политички елити однеле 10 години расправа во Парламентот и владата за Тетовскиот универзитет, дваесет години за пописот на населението и домаќинствата? Дали има политичар од сите партии, што негира дека политичката војна со Грција е изгубена војна од самиот почеток и 30 години сме тапкале во место? На крајот попуштаме.

Можеме да кажеме така и вака, дека тоа не беше правилно, дека му штети на националниот интерес, дека го поддржуваме ова и тоа, дури и дека сме предавници? Но, на тој начин сме дошле до ова беспаќе во кое сега се наоѓаме. Така со децении не се соочуваме храбро со проблемите, со реалноста со можното и неможното во политиката и со уништените   граѓански перспективи. Во меѓународната политика не вредат секогаш вистините и правото, туку многу надворешни фактори што го фаворизираат економски посилниот.

ПОЛИТИКА НА ТОЛПАТА

Политиката е уметност на можното, а политичарот е човек кој треба да гледа далеку, подалеку од демосот, од народот, од толпата на Гистав ле Бон. Се сеќавам на 1997 година и со месеци кршењето на Законот за Педагошкиот факултет од страна на партијата и некои луѓе, кои ниту денес не се откажале од таквите идеи. Тие ја сакаа Македонија толку многу, што ја гушеа веќе 30 години, а и денес се истите во парламентот. На другата страна, албанските партии забиваа цело време шајки со референдумот за автономија, Илирида, и ред други избрзани чекори.

Кој ја донесе војната во 2001 година?

Ние цело време разговараме за фактот дека војната ја донесоа Али Ахмети и ОВК со неговите луѓе. Ова е нашата метафизика, каде што шумата не се гледа од дрвото, а причините не се анализираат, туку само последиците.

Но, виновници за ескалирање на војната во 2001 година биле и се ВМРО и ДПА, односно Љубчо Георгиевски и Арбен Џафери. Тука беше и шоуменот Тупурковски со тајванската милијарда. Тие од 1 декември 1998 година беа владејачко мнозинство. Тие мораа да бидат будни, да гледаат далеку и да менаџираат со ризици по војните во Југата, во Косово.

Тие не беа свесни за оружјето што беше таму, парите што кружеа и сè што следеше по падот на Милошевиќ и колатералните штети. По заминувањето на Србија од Косово, падна целата антиалбанска политика што ја водеше Србија против Албанците од 1945 до 1999 година.

Оваа радикална промена не беше разбрана од политичката елита  во Македонија. Се продолжи по старо, и така се случи конфликтот. Георгиевски и неговата партија се занимаваа со национална мегаломанија, Арбен Џафери се занимаваше со уништување на Партијата за демократски просперитет. Целта на Џафери беше ДПА да биде единствена партија кај Албанците.

Големиот вожд Груевски направи штета од милијарда евра во антиквизацијата и историјата на киповите и фалангите. Целата висока каста беа следбеници на еден навидум, нов идентитет, кој се покажа како погубен. Така се оддалечивме од европските интеграции, се изгубивме во минатото.

ОПОРТУНИЗМОТ КАКО ФИЛОЗОФИЈА НА ЖИВОТОТ

Што правеше Социјалдемократскиот сојуз на Македонија во ова време? Гледаше што прави ВМРО, па дури и често ги слушаше нејзините пароли за да се приближи до националната кауза. Од 1992-1998 година, Бранко Црвенковски и Љубчо Георгиевски со часови дебатираа на МТВ и темата секогаш беше иста – Кој им правел повеќе отстапки на Албанците?

Тој комплекс и тие кавги создаваа во континуитет атмосфера на нетрпеливост и така се случија Мала Речица, Радолишта, Бит-пазар, Педагошки факултет, Гостивар… Конфликтите беа поттикнати од ВМРО, а владејачкиот Социјалдемократски сојуз беше смирувач со познатата синтагма „тоa ќе го реши полицијата“ . Тоа беше погубно за иднината.

КАКО ПОНАТАМУ?

Дали има отворена дебата за тоа како треба да работиме понатаму, или ќе бидеме задоволни само со таа изјава на премиерот дека земјата се деполитизира?

Земја што не е во можност да спроведе попис на населението 20 години, земја што не ги реши своите проблеми со своите соседи 30 години, земја која има диви депонии насекаде, корупција и универзитети во кои нема пристап просветната инспекција, не заслужува да биде дел од Европската Унија.

Не мислам дека Бугарија и Грција се во право, но ние сето ова го овозможивме со нашата неспособност, со нашето самозалажување. Сега е време да се отрезниме и да се преиспитуваме. Затоа ни треба храброст, а не лажен патриотизам.

Заробени во нашите илузии.

Обземени  од опасна утопија 30 години ние сега се сочуваме со нашето себство, со нашиот вистински идентитет, со нашата вистинска моќ и немоќ. Ние сега гледаме дека од сите војни победниците станаа препознатливи.

Основни прашања за иднината треба да бидат

  • За што треба да се грижиме за следните 20 години?
  • Каква ќе биде нашата сегашна иднина? Како во иднина да живееме побогато?
  • Новите предизвици на популационата политика и мигрантските процеси

Авторот е универзитетски професор

Поврзани новости