По две години дочекаа правда, граѓаните ќе ги добијат назад возилата кои неуставно им ги одзеде државата

by fokus

По две години институционална битка, стотина граѓани конечно ја добија правдата која ја бараа, односно назад ќе им бидат вратени автомобилите кои неуставно им беа одземени, а поради сомнеж дека вршеле див превоз.

Поточно, во 2013 година, со измена на Законот за превоз во патниот сообраќај, беше пропишано дека трајно им се одземат возилата на дивите превозници, кои без лиценца вршат превоз на патници, и тоа по одлука на сообраќајниот инспектор, на лице место. Па оттогаш, на овој начин беа одземени стотина возила, а граѓаните правдата, со помош на Стамен Филипов, ја побара од Уставниот суд, кој одлучи во нивна корист. На 28 јануари, Уставниот суд донесе одлука со која ги укинува спорните законски членови, а според кои сообраќајниот инспектор имаше право по сопствено убедување да го одземе возилата, доколку се сомнева дека возачот по втор пат нелегално превезува патници.

„Се укинуваат член 99-а став 3 и став 4 во делот: Во случај на повторување на прекршокот од страна на истиот сторител или со истото возило, возилото што било користено за превоз трајно се одземаат во сопственост на Република Македонија со асистенција на униформираниот полициски службеник во моментот на сторување на прекршокот, а по издавање на решение за трајно одземање на возилото од страна на инспекторот за патен сообраќај, од Законот за превоз во патниот сообраќај“, се наведуваше во одлуката на Уставниот суд.

Во меѓувреме, пак, дел од оштетените граѓани правдата ја бараа и пред Управниот суд, кој не ја почитуваше одлуката на Уставниот, и судеше во корист на државата. Но, деновиве, Вишиот управен суд ја донесе првата пресуда, според која државата мора да го врати одземеното возило.

„Одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни. Вишиот управен суд укажува на тоа дека со денот на објавувањето на одлуката на Уставниот суд во Службен весник, укинатиот и поништениот закон не смее повеќе да се применуваат и врз основа на тој закон не може да се донесуваат поединечни акти. Укинатиот закон, надлежните органи, па и судот не смеат да го применуваат на односите кои настанале пред донесувањето на Одлуката на Уставниот суд, а кои не се правосилни решени и не смее да се дозволат, ниту спроведуваат извршување на поединечни акти, а ако извршувањето е започнато должни се да го запрат, се вели во пресудата на Вишиот управн суд, со која се преиначува пресудата на Управниот суд и се поништува решението на Државниот инспекторат за транспорт и врски.

Оштетениот граѓанин, кој конечно ја добил правдата, истакнува дека по грешка на државата, тој две години е оставен без своето возило, кое сега не знае во каква состојба ќе го добие.

„Треба да ми го вратат возилото, ама вистинското прашање е што точно ќе ми вратат. Уште веднаш кога ми го одземаа ми кажаа дека е дадено на користење во една болница. Затоа сега ќе барам и амортизација. Исто така, се докажа дека не по наша вина, толку време поминавме без автомобили, а изгубивме и време трчајќи од една до друга институцијаа за да ја докажеме неправдата. Кој ќе ни го надомести изгубеното време, и изгубените нерви, прашува нашиот соговорник.

Тој сега ќе испрати допис до Министерството за транспорт и врски, од каде треба да му го вратат возилото. Вели дека тие по службена должност по одлуката на судот треба да постапуваат, но сепак, истакнува дека работата самиот ќе ја истера до крај, за да не биде повторно изигран.

И покрај одлуката на Уставниот суд, која е конечна и извршна, сепак останува нејасно што ќе се случи со возилата на оние граѓани, кои не започнале постапка пред Управниот суд.

Поврзани новости