Од Основниот суд Скопје 1 , во изјава за „Фокус” потврдија дека имало инцидент меѓу вработени во судот, но децидни се дека не е поврзан со претседателот на судот Владимир Панчевски, против кого дел од судиите денеска го кренаа гласот.
-Во просториите на Кривичниот суд се случил настан каде од страна на вработен-раководител на одделот за човечки ресурси Г.С. со физички напад била загрозена сигурноста на еден од портпаролите П.К. во присуство на судија од одделот за претходна постапка С.Ј., така што вработениот Г.С. најпрвин вербално и се заканил на П.К. загрозувајќи и ја сигурноста со упатени закани по животот и телото, по што со примена на физичка сила ја турнал од столчето и ја напуштил просторијата.
Отфрламе било какви шпекулации дека во судот имало превртување на бироа и кршење на инвентар како и дека во настанот бил инволвиран претседателот на судот кој со оглед на последните настани во и околу судот, медиумите ги поврзуваат токму со него. Што се однесува до денешниот настан истиот е пријавен кај надлежните органи кои понатаму треба да постапуваат- велат од Основниот суд.
Инаку, претседателот Панчевки денеска повторно се најде на мета на јавноста, откако петнаесеттмина судии преку писмо до Судскиот совет, се пожалија на негова злоупотреба на судот. Неофицијално, кон бунтот се приклучиле и дел од стручните соработници.