Груевски призна дека додека биле на власт нарачувале апсења?

by fokus

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во своето вчерашно обраќање пред македонската јавност индиректно призна дека додека биле на власт тие нарачувале апсења. Еве дел од неговиот говор, од каде што се наметнува оваа теза:

-Ако толку по секоја цена сака Заев да биде премиер, нека не удира по државните и националните интереси. Нека ја спроведува програмата од изборите без редефинирањето. Нека удри и по нас, ама не по државата и нејзините темели. Еве јас доброволно ќе прифатам ако тоа му е услов на Заев да ме уапсат, затворат и малтретираат, а ВМРО-ДПМНЕ да го поддржува како малцинска влада колку време сака до наредните избори кои заедно би ги договориле, нека удри по мене, само нека се откаже од удирање по темелите на државата заради желбата да е на власт. Ова нека го сфати како јавна понуда, напиша премиерот Груевски на социјалната мрежа фејсбук, а слично обраќање имаше и на неговото телевизиско гостување на телевизија „Сител“.

Политикологот Петар Арсовски оценува дека соопштението на екс премиерот Груевски е хистерично.

-Не знам како Груевски мисли дека се апси, односно како изгледа тоа во неговата глава, бидејќи не се апси по нарачка на власта, туку си има точно одредена процедура во обвинителството и судот. Па затоа не може по барање или услов на Зев некој да го упаси. Дали вака индиректно признава дека тие, додека беа на власт, нарачувале апсење, можам да кажам да, вели политикологот Петар Арсовски.

Тој додава дека ВМРО-ДПМНЕ за прв пат по 11 години се наоѓа во трауматична состојба за нив, па затоа во наредниот период според него се очекуваат уште по хистерични соопштенија.

-Најавуваат ќе има револуција, не нема да има. Велат ќе се собере 100.000 народ, не, нема да се собере, се собраа само 1.000. Отсега сите нивни соопштенија ќе треба да ги поделиме со 100, и ќе дојдеме до вистината, заклучува Арсовски.

В.В.

Поврзани новости