Двајца скопјани заработија кривични пријави поради производство на марихуана, информираат од МВР. Тие имале сопствена лабараторија.
„Секторот за внатрешни работи Скопје, до надлежното Основно јавно обвинителство во Скопје со кривична пријава ги предаде лицата С.К. (25), и Г.К. (28), поради постоење на основи на сомнение дека извршиле кривично дело “неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“.
Пријавените во текот на годинава неовластено набавиле и инсталирале систем– лабараторија за одгледување и производство на растенија Cannabis, од која преку процес на сушење, дробење и ситнење на врвните делови се добива наркотична дрога – марихуана и истата ја пакувале за понатамошно препродавање на уживатели на подрачјето на град Скопје.
При претресите кај кривично пријавените пронајдени се 6,4 килограми марихуана и 203 саксии со стебла од растението Cannabis.
На 25 април, по претходно добиени оперативни сознанија дека пријавените, инаку евидентирани сторители на други кривични дела, се занимаваат со производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори, од страна на Судија на претходна постапка издадена е Наредба за претрес во дом на пријавениот С.К. во скопската населба Аеродром. Од страна на Единицата за недозволена трговија при СВР-Скопје, извршен е претрес, при што е затекнат и второпријавениот, и притоа пронајдени и одземени се една паковка со марихуана, еден пластичен сад со засадени три садници од растение канабис, картонска кутија во која има девет палети за производство на садници, осум црни пластични шишиња – прскалки од 750 ml, три црни пластични шишиња од 300 ml, два рефлектори и други предмети.
Поради постоење основи на сомнение дека дополнително ќе се пронајдат предмети и траги кои потекнуват од кривично дело, односно дека С.К. ги користел заедничките простории во подрумскиот дел, извршен е претрес и во овој дел, при што пронајдени се една торба во која имало пет поголеми пресувани пакувања со марихуана, најлонска ќеса со поголемо пресувано пакување со марихуана, и уште една најлонска ќеса со три пакувања со марихуана.
Врз основа на Наредба од Основен суд Скопје 1 – Скопје, извршен е претрес и во викенд куќата лоцирана во место викано Св.Петка – с.Морани во Скопје, чиј сопственик е Л.К., а корисник е и нејзиниот син С.К. При претресот во викенд куќата пронајдени се 202 саксии со засадени растенија канабис со различна висина, 5 пластични туби со течност, како и инсталиран систем, односно лабораторија за одгледување на наркотична дрога – два дигитални апарати (мерачи), пумпа за прскање, прима клима, 20 електрични трафа за лампи, три тајмери, две ламби со лед диоди, ролна – фолија, метален вентилатор, алуминиумско растегливо црево и два пластични сада со капак.