Партијата Левица која самостојно ќе насптапи на предвремените парламентарни избори на 11 декември ја објави својата програма. Ова се 15 ударни мерки кои тие ги предвидуваат во програмата:
-Воведување на минимален гарантиран приход по семејство. Секое домаќинство кое остварува доход понизок од утврденото минимално ниво, ќе добива парична помош од државата до висината на тоа ниво: 6.000 ден. за едночлено домаќинство, 8.500 МКД за двочлено, 10.400 МКД за тричлено, 12.000 МКД за четиричлено, 13.420 МКД за петочлено домаќинство итн.
-Враќање на можноста работникот да се стекне со право на пензија и по основ на работен стаж (35 години)
-Забрана на натамошна приватизација на јавните претпријатија (пошта, железници, водостопанства, електрани и сл.)
-Запирање на непродуктивните буџетски расходи (споменици, градби и фасади кои се дел од „Скопје 2014“, владини реклами и сл.)
-Значително намалување на превисоките плати на пратениците и функционерите и укинување на нивните привилегии (особено на апанажата, патните трошоци и др.)
-Укинување на приватните извршителски канцеларии и воведување на судии извршители, со цел да се спречи грабежот на граѓаните при постапката на присилно извршување
-Драстично намалување на постоечките тарифи за награди и надоместоци на адвокатите и на нотарите
-Незастарување на кривичните дела поврзани со економскиот криминал, со цел преиспитување на криминалната приватизација и конфискација на нелегално стекнатиот имот на сите досегашни владејачки структури и oлигарси
-Создавање услови за воведување интегрирано образование, без етнички поделени училишта
-Воведување бесплатно, т.е. целосно јавно субвенционирано високо образование
-Обезбедување право на квалитетно здравствено осигурување за сите граѓани на Република Македонија
-Утврдување на гарантирани откупни цени на земјоделските и сточарските производи преку отворање на државни откупни центри
-Борба со урбаната мафија за спречување на уништувањето на зелените површини во градските средини
-Забрана за создавање на странски воени бази во РМ
-Намалување на глобите за сообраќајните прекршоци и нивно одредување во сооднос со финансиската моќ на прекршителот