15-годишно момче почина од реакција на анестезија при операција на колено

by fokus

Петнаесетгодишно момче од Скопје вчера ноќта починало во операциона сала на Клиниката за трауматологија, ортопедија, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) во Скопје, при рутинска операција на скршеница на ногата, пишува порталот „Сакам да кажам“

Детето вчера вечер било примено во Ургентен центар на скопските клиники, со скршеница на коленото и било хоспитализирано за операција. Од Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ) велат дека починало како резултат на негативна реакција на дел од анестетиците.

„Детето ноќеска е оперирано и за жал почина во операциона сала. Се сомневаме дека станува збор за малигна хипертермија, но тоа сѐ уште го испитуваме. Станува збор за ретка генетска мутација, при која има патолошки одговор на клеточно ниво на анестетици. Во ваков случај практично анестетиците штетно делуваат на самите клетки и доаѓа до ненормален одговор на организмот на анестетикот. Причината не е до самиот анестетик, бидејќи тие анестетици со години ги користиме, ниту пак станува збор за алергиска реакција. Самата генетска мутација влијае анестетикот да влијае штетно на целиот организам, со зафаќање на белите дробови, срцето, црниот дроб. Во случајов најголема реакција имало кај белите дробови“, вели д-р Маја Мојсова, управителка на КАРИЛ за „Сакам да кажам“.

Поврзани новости