Вајгл: ВМРО-ДПМНЕ е се уште најсилна партија во парламентот и треба да преземе одговорност за општиот прогрес

by fokus

Планираната средба во рамки на процесот „Жан Моне“ не била реализирана во јануари затоа што тројката европратеници не добиле дефинитивна потврда од ВМРО-ДПМНЕ, изјави европратеникот и известувач за Македонија Иво Вајгл во интервју за МИА.

„Најпрво го чекавме нивниот вонреден конгрес и одлуката за раководството на партијата, и се разбира, одлуката на новото раководство дали ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува во тој проект. Досега таков одговор се уште не сме добиле. Добив информација дека идната недела новоизбраниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде во Брисел и тогаш ќе имаме разговор со него“, вели тој.

Европратениците донеле одлука во февруари сепак да допатуваат во Скопје, каде што ќе се договорат за новиот датум на првиот состанок во рамки на процесот. Вајгл и порачува на опозицијата, која не учествува во работата на Собранието, дека бојкотот не е инструмент кој би бил прифатлив за демократските држави и односи.

„ВМРО-ДПМНЕ по сила е сѐ уште најсилна партија во Македонија и во Парламентот и треба да ја преземе одговорноста заедно со Владата за продолжување на реформите, за општиот прогрес на Македонија и за нејзиниот европски пат. Се разбира, и Владата има обврска да ѝ го даде на опозицијата тоа место кое го има опозицијата на секоја демократска сцена, особено ако е збор за јака, силна опозиција без која не може да се спроведе ниту една сериозна реформа или меѓународен договор“, истакна Вајгл.

Општата политичка ситуација во Македонија по конституирањето на Парламентот и на Владата, како што оцени европратеникот, е во нагорна линија.

„Нема сомнеж дека е од големо значење тоа што Владата стапи во многу продуктивен и одлучен дијалог со соседите, дека ги постави на нови темели односите со Бугарија. Исто така, може да се оцени и како успешен дијалогот којшто се води со Грција иако засега сѐ уште е тешко да се зборува за резултат“, вели Вајгл.

Што се однесува на внатрешната ситуација, посочува дека има уверување од страна на Владата дека сериозно се работи на реформите кои се зацртани во извештајот на Прибе и со пржинскиот договор.

„Би било оправдано да се очекува Македонија, чија Влада презеде чекори за решавање на спорот со името со Грција и исто така паралелно работи на посочените реформи, уште оваа година да добие одлука за почетокот на преговорите“, посочува тој.

Поврзани новости