Заев: Нова влада за 10 до 15 дена, ќе се намалува бројот на министри

by fokus

Лидерот на СДСМ , Зоран Заев најави дека ги отпочнува преговорите за состав на новата Влада. Според него, целиот процес ќе заврши за десет до 15 дена. Тој даде слика за тоа како според него треба да функционира новата влада.

-Ќе разговараме исклучиво за формирање Влада која се грижи за сите граѓани подеднакво, ослободени од какви било етнички предрасуди или национализми, Влада која нема никакви дилеми кога е во прашање нашиот заеднички пат кој се вика “Северна Македонија – Едно општество за сите. Секој ќе си ја носи сопствената одговорност, без разлика дали доаѓа од партија, од општина, од институција, дали е експерт, функционер, познат или непознат. Особено внимание ќе посветиме на делот за прочистување на правосудството и на проверката на потекло на пари и капитал кај секој функционер, по пат на систем што заеднички ќе го договориме, рече Заев.

Заев најавува можност за намалување на бројот на министри, спојување на ресори и управи, намалување на бројот на пратеници.

-Идните чинители во новата Влада ќе треба да се подготвени и за сериозна реформа на јавната администрација – зборуваме за промена која ќе донесе ефикасно служење на потребите на граѓаните, но и промена со која обемот на администрацијата ќе се намали за 20%. Зборуваме за помал број министри и за рационализација на јавните служби, но за поголем број и побрзи услуги за граѓаните, рече Заев.

Тој истакна и дека новата влада на прво место ќе ја има европската и граѓанската агенда.

-Јакнењето на економскиот стандард на сите граѓани ќе биде императив на новата Влада. Ние во овој момент почнуваме со сериозни разговори поставени на сериозни принципи кои ќе ни донесат сериозна и посветена – Влада која движи брзо напред по европскиот пат, односно Влада посветена на економијата и правдата. Влада која ги отвора преговорите за членство со Европската Унија и Влада која со секое ново отворено поглавје од преговорите ќе воведува нови европски стандарди за подобар живот, тука во нашата убава земја. Тоа го побараа граѓаните, тоа ќе го испорачаме, рече Заев.

Тој најави дека СДСМ може да формира влада и со ДУИ и со Алијанса за Албанците и Алтернатива.

Поврзани новости