МВР ги утврдува ИП адресите од каде што била хакирана веб страницата на ДИК, нападот бил од странство

by fokus

Од МВР информираат дека го известиле обвинителството за сите мерки и активности кои ги превзеле, а за расчистување на случајот со хакираната веб страница на ДИК.

-Имено, во текот на истрагата беа обезбедени податоци и логови за функционирањето на системот и делови од системот за поддршка на изборниот процес во Државната изборна комисија. Податоците беа обезбедени од повеќе институции и компании кои беа вклучени во изборниот процес.

Од доставената пријава и анализата на податоците се констатираше дека при крајот на изборниот процес, а особено во текот на објавувањето на прелиминарните резултати бил регистриран DDoS напад кој што бил насочен на страната https://www.sec.mk/ и кој влијаел на оневозможувањето на публикувањето на резултатите од апликацијата на дедицираниот сервер за објавување на прелиминарните резултати.

Дополнително при анализата на податоците кои ги добивме од фирмата ДУНА КОМПЈУТЕРИ а се однесуваат на податоци и датотеки извадени од серверите (дата бази и логови од системите) за наша понатамошна анализа за можни проблеми со функционалноста на истите, не е утвредено нефункционирање на системите или застој во процесот на безбедносната афтентикација на корисниците за прием и внес на резултатите од изборните комисии.

Секторот за Компјутерски криминал и дигитална форензика во соработка со Јавното обвинителство ги користи сите механизми за меѓународна соработка со интернет сервис провајдери кои се надвор од наша јурисдикција, со цел добивање на податоци за корисниците на нивните сервиси.

Истрагата за овој случај продолжува во насока на утврдување на ИП адресите од каде што е пристигнат нападот, собирање на дополнителни информации за утврдување на нарачателот на овој напад како и утврдување дали имало други причини кои влијаеле или се поврзани со неможноста на објавувањето на прелиминарните резултати, велат од МВР.

Поврзани новости