Дали Боро Петрушевски ве асоцира на АСУЦ или на народен херој? Одговорт на младите го знам. Истото како што за студените Невена Георгиевска-Дуња е дом, а не првата жена партизан од Скопје. Податокот дека загинала од окупаторски оган кога имала само 17 години е уште помалку познат за многумина.
Во обид да ја претставиме реалноста за значењето на Народноослободителната борба за создавање македонска држава, на скопскиот партизански одред како двигател на антифашистичката идеја и на неколкумина тогаш истакнати, а сега заборавени партизани, „Фокус“ се приклучи на неколкучасовната велосипедска тура организирана од левичарското здружение „Солидароност“.
Посетивме девет локации низ централното градско подрачје. На сите има некакво спомен обележје. Забележително е дека спомениците изградени во седумдесетите и осумдесетите години на минатиот век, а посветни на НОБ, се правеле од камен и мермер. Тие како да се сраснати за природата и околината. Замислете не штрчат воопшто, ниту доминираат во просторот. Нивната скромност како да ја отсликува скромноста на партизаните.
Историјата запишала, но времето и актуелната политика на негирање на партизанскиот период, полека ја бришат меморијата. Особено е загрижувачки што вистинската историја за макадонскиот народ и важноста на партизанските походи не се пренесуваат на идните генерации. А тие, чија околина и живот се натрупани со споменици и лажни историски податоци, ќе останат неми и неуки. Или ќе го знаат само тоа што кампањски и насилно им се сервира, по можност на плоштад или околу него.
Е токму до плоштадот, преку огромната Капија на срамот е сместен популарниот Жена парк. Таму каде што власта секое дрво го менува за споменик. Во минатиот век, во паркот бил поставен само еден низок камен посветен на Георгиевска Дуња. Нејзиниот споменик минорен во однос на Питу Гули. Херојот од Крушево не е спорен, туку грдосијата со која е преставен.
Но, која е вистината за Дуња и дали таа не заслужила исто толкав споменик како Питу? И да заслужила, тогаш некој внимавал каде и колку смее да гради. Големината е во партизанот – херој, не во неговиот споменик. Дуња ја застрелале па и ја отсекле главата. За да го плаши населението, окупаторот ја покажувал јавно главата на младата девојка.
Дуња му била девојка на Боге Богевски. Тој ја зел со него во скопскиот одред откако му станал претесен просторот за бегство од бугарската полиција. Богоевски пак, роден во Ново Маало во Центар, еден од синдикалните лидери во тоа време, е дел од првиот партизански тим. Синдикалното движење тогаш било најсилно во металургијата. За Богоевски Скопје нема споменик. Таквиот недостаток може барем за момент да го покрие споменикот на Обединетите работнички синдикати кој е поставен спроти Олимписки базен, на само стотина метри од денешниот Синдикат.
Но, разликата не е само во стоте метри, туку во концепти, идеи, начин на делување. Тогашниот синдикат, како што пишува и на самата табла од споменикот, се челичела армијата на поробените и на борците за слобода и права. Колку ваквата порака значи за денешните синдикалци?
Народниот херој Боро Петрушевски е првиот кој испукал куршум во бугарскиот окупатор и застрелал еден непријател. И ова малкумина го знаат како историски факт. Тоа се случило додека куќата во која била сместена печатарската техника на НОБ (за печатење летоци) била опколена од фашистите. Тој успеал да се извлече од обрачот со отворање оган. Куќата сѐ уште сведочи за настанот, инаку лоцирана во населбата Водно, каде што тогаш практично завршувал градот. Но, иако пукотниците што ги предизвикал Петрушевски се месец пред востанието, сепак неговиот подвиг, иако може, не се смета за почеток на востанието.
Да. За разлика од објектите на Скопје 14, на трошните коминистички куќи со големо историско значење, пред сѐ со запишани факти, не им се фрла ниту една мистрија. Заборавени, прокиснати, со табли избришани.
Велосипедската тура имаше за цел да покаже и дека во редовите на партизаните се бореле припадници на сите нации. Затоа востанието не било национално, туку народно. На пример, Решат Џафер е Турчин од Крива Паланка. Живеалиштето му било на аголот кај факултетите, спроти Судска палата. Еден споменик сведочи за значењето на прогонуваниот воен пилот.
Црногорецот Периша Савелиќ имал исклучително значење во македонската борба. Неговиот споменик е поставен на аголот спроти Веро-ценатарот, кон калдрмата кон „Холидеј Ин“. За идеалите на НОБ бил обесен во Софија затоа што окупаторот стравувал од одмазда ако тоа го направи во Скопје.
Уште еден „приземјен“ споменик посетивме на тротоарот спроти ТТЦ Плаза. Уметнички повреден од претходните, но толку скромен што може и да не го забележите. Тоа е карактеристика на сите споменици од НОБ.
Поставени се низ центарот, на клучни агли, но тотално се незабележливи. Дури, опкружени со џиновските споменици на власта, за овие не ни сфаќате дека е можно да се споменици.
Споменикот е во чест на Благоја Деспотовски. Непознат, неафирмиран, заборавен херој. Имал мисија да го ликвидира Мане Мачков кој работел прво за српските, па за бугарските тајни служби. Токму на местото на споменикот Деспотовски самиот се убил со бомба, во неможност да се извлече од окупаторот, а за да не се предаде. Инаку, шпионот Мачков е убиен дури во третиот обид.
За да не се заборави и за да не им се негира достигнувањето преку народната борба, неми сведоци останале уште некои спомен – обележја низ градот. Куќата на Васил Антевски – Дрен е во една од уличките позади Католичка црква. За него се смета дека заслужил да биде народен херој, иако никогаш не се стекнал со таквата чест. Бил познат адвокат, но со пушка в рака. И тој бил обесен во Софија, откако не сакал да потпише изјава дека е Бугарин. Сигурно Бугарите не им текнало да му понудат пасош и да го прелажат.
Уште еден споменик на фрекфентно место, во оваа група партизански потсетници на историјата, е тој на Дане Крапче. Тој лично стои зад фомирањето на фудбалскиот клуб „Работнички“ во тоа време создаден како опонент на елитниот фудбалски клуб „Граѓански“.
Потоа граќанскиот преку името „Македонија“ стигнува до „Вардар“. И Крапче не е прогласен за народен херој, иако секогаш бил во првата десетка на партизанското делување.
Значи има разлика. Едните споменици се скромни, другите визуелно го загадуваат градот. Едните се мали инвестиции во историската вистина, другите се милионска инвестиција во „нивната“ вистина. Партизанските споменици обединувале, модерниве нѐ поделија. Тогашните не се уредени наоколу, денешните се накинџурени со сѐ што и не можете да замислите.
На крајот, велосипедската тура ја завршивме кај споменикот на местото каде се формирал Скопскиот партизански одред. Потоа на изложба во паркот на Франкофонијата и на разговор и песна со генералот од НОБ, Тодор Атанасовски. Денеска, на 11 октомври и тој нѐ издржа, па запеа пред насобраните за да евоцира спомени од тоа време и да жали што партизаните денес го немаат вистинското место во историјата. Барем додека владее ВМРО-ДПМНЕ.
Исто како што нема грижа за спомениците кои се единствените улични показатели кој за што се борел.
(насловна фотографија на Томислав Георгиев)