10 илјади вработени во игрите на среќа и порачуваат на Владата: Немој да не бркате надвор од државата!

by fokus

Несомнено дека државата, секоја индивидуа и семејство има право и обврска да ги заштити малолетниците и да ги создава сите предуслови за воспитување здрава младина. Не сме против законски решенија кои одат во оваа насока. Но, сме категорично против политички и бизнис мотивирани законски измени кои ќе затворат една легална економска гранка што по автоматизам ќе предизвика организирање нелегални игри на среќа. Крајно време е да се напушти популизмот и да почнеме да говориме со факти! Сите општествено одговорни чинители треба да бидат свесни дека не постои пример во опкружување каде укинувањето на игрите на среќа не предизвикало играње на црно.

Доволно е да се види билтенот на МВР од пред два дена. Во Скопје во две куќи илегално се организирале игри на среќа, полицијата запленила значителна опрема и затекнала 16 лица при претресот. Дали Владата е свесна и може да предвиди што ќе се случи и колкав број на диви играчници ќе никнат кога ќе се затворат легалните објекти за игри на среќа? Дали тогаш кога државата ќе нема никаква контрола или сега младината е повеќе заштитена?

Ги повикуваме Антикоцкање од Тетово да престанат да шират демагогии туку да и објаснат на јавноста дали и чии бизнис интереси штитат? Зошто премолчуваат дека Албанија се пишмани и повторно ги дозволи игрите на среќа бидејќи во изминатите 4 години за време на забраната масовно се играло на црно?

Игри на среќа постојат од кога постои цивилизацијата. Граѓаните кога одат на туристички посети во земји од ЕУ, во Монте Карло или Лас Вегас или на крстарења со бродови, со задоволство посетуваат казина, се фотографираат и се фалат. Таму е „шик“ да одиш во казино, а овде станува „ерес“! Во автомат клубовите не влегуваат случајни минувачи. Нам ни се клиенти традиционални играчи. Каква е таа искривена логика дека излозите магнетно ги привлекуваат малолетниците? Зошто истата логика не важи за тобаката, кафулињата и кафеаните?

Нашите работодавачи се претставници на реномирани светски и ЕУ компании кои спроведуваат највисоки стандарди на професионалност. Многумина меѓу нас се родители на малолетни деца или на тинејџери и навистина тешко ни паѓа кога на товар ни се става дека сме општествено зло за идните генерации. Како да објасниме на јавноста дека и во овој сектор работат обични луѓе од крв и месо, жени, мајки, кои чесно го заработуваат лебот? Кој има интерес да се затворат игрите на среќа? Кој ќе понесе одговорност за штетните последици?

Кога веќе Владата одлучила да ги затвори легалните игри на среќа, мора да земе предвид дека со таква погрешна одлука ќе предизвика егзодус на најмалку 10 илјади семејства кои ќе се преселат во западните земји и таму повторно ќе работат во истиот сектор. Тоа е реалноста! Ние навреме предупредуваме, со цел да превенираме состојби кои ќе предизвикаат сериозни штети. Сега, кога државата среде економска криза грчевито се бори за зачувување на секое работно место, затворањето на цел економски сектор е неразумно и неодговорно однесување. Се надеваме дека некој ќе ги земе предвид овие наши укажувања! Во спротивно ќе бидеме принудени да излеземе на масовни протести со кои ќе бараме заштита на нашите права!

ПР

Поврзани новости